April 2, 2020 16:45
Свет

Филипини го раскинуваат договорот за одбрана со САД

Филипини официјално ги известија САД дека го раскинуваат договорот за одбрана од 1999 година, објави филипинското Министерство за надворешни работи и покрај предупредувањата дека таквиот чекор може да ја наруши безбедноста на земјата.

– Известувањето за анулирање на договорот ВФА (Visiting Forces Agreement) испратено е до Амбасадата на САД во Манила, изјави шефот на филипинската дипломатија, Теодоро Лоцсин.

ВФА е законска рамка за влез на американските сили на Филипини поради заеднички воени вежби со филипинската армија.

Лоцсин минатата недела предупреди дека укинувањето на ВФА ќе влијае врз повеќе од 300 заеднички воени вежби кои се со цел зајакнување на способноста на филипинската армија.

– Укинувањето може да има ефект на замрзнување на економските односи, посочи Лоцсин.

Во периодот од 2016 до 2019 година САД обезбеди повеќе од 500 милиони долари помош за безбедноста на Филипини.

Американските војници исто така ги помагаат со разузнавачки информации за филипинските сили во борба против криумчарење на луѓе, кибер напади, трговија со дрога и тероризам.

Претседателот на Филипини, Родриго Дутерте првпат им се закани на САД со раскинување на ВФА кога Вашингтон ја поништи туристичката виза за сенаторот Роналдо Дела Роса, поранешен директор на полицијата.

Дека Роса ја спроведуваше политиката на Дутерте – нулта стапка толеранција за дрога, според која по кратка постапка беа погубени над 5.000 осомничени дилери и конзументи на дрога.