October 29, 2020 03:00
Свет

Фејсбук критикуван во САД поради ширење омраза, ФТЦ подготвува антимонополска тужба против компанијата

Фејсбук е повторно на удар на критики во САД со кампањата „Запрете ја омразата за профит”, со која се повикува на бојкот на социјалната мрежа поради ширење омраза и насилство во САД.

Организаторите на оваа кампања неделава повикаа на акција со повик до сите да раскажуваат колку Фејсбук е штетен за општеството. Денешниот ден е прогласен за „ден на замрзнување” на Инстаграм. Сите кои се приклучуваат на акцијата треба во текот на денот да го „замрзнат” својот налог на оваа социјална мрежа со банерот „Стоп на омразата”. 

Организаторите летово, пак, ги повикаа американските компании и организациите за бојкот на Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, во знак на протест против неморалната политика на социјалната мрежа во однос на содржините што придонесуваат кон ширење омраза на мрежата и предизвикување насилство на улиците. 

Денешната акција е поддржана од десетици познати личности како Ким Кардашијан (има повеќе од 66.5 милиони претплатници на Инстаграм), Кејти Пери, Мајкл Џордан, Леонардо Ди Каприо, Ештон Качер, Џенифер Лоренс, Орландо Блум, Кери Вашингтон, Саша Барон Коен и други.

Кардашијан синоќа во твит повика корисниците да ги замрзнат своите налози на Фејсбук и Инстаграм во текот на следните 24 часа.

На поплаките за ширење омраза, од компанијата одговорија дека синоќа симнале страница на групата „Кеноша гард”, повразана со пукањата и насилните протести во Кеноша, Висконсин. 

Берзанските тргувања со акциите на Фејсбук реагираа со незначителни кратко намалување на нивната вредност.

Во меѓувреме, американската Федерална трговска комисија (ФТЦ) подготвува антимонолска тужба против компанијата што треба да биде поднесена до крајот на годината, соопшти синоќа Волстрит Журнал. 

Се соопштува дека антимонополската истрага почнала после цела година проверка на фактите за антимонополски злоупотреби од страна на Фејсбук. Поради своето огромно влијание компанијата лесно ја истиснувала конкуренцијата, сметаат од ФТЦ. Изворите за изданието истакнуваат дека во ФТЦ се уште не донеле одлука кога тужбата ќе ја поднесат во суд. кб