December 3, 2022 10:55
Спорт

Федерер утревечер ќе се прости од големата тениска сцена

Последен меч во играчката кариера за тениската легенда Роџер Федерер на големата сцена ќе биде дубл меч, во тандем со Рафаел Надал, во рамки на популарниот Лејвер куп, во кој се натпреваруваат Европа и остатокот од светот.

-Ќе биде прекрасно да се игра заедно со Надал. Не знам дали ќе можам, но ќе пробам. Без разлика колкупати сме играле еден против друг, секогаш постоела меѓусебна почит, изјави 41-годишниот Федерер, кој не е во можност да игра во поединечна конкуренција поради проблемите со коленото.

Федерер нема играно од поразот во четвртфиналето на минатогодишниот Вимблдон, по кој беше на три операции на коленото.

Долгогодишните ривали и големи пријатели, Федерер и Надал ќе бидат фаворити во дуелот со американската двојка Џек Сок и Френсис Тиафо. Мечот треба да биде шлаг на целата утрешна програма, што значи би требало да почне некаде околу 21 часот. Попрецизно, програмата во „О2 арена“ во Лондон се одвива во два дела, денска и вечерна, а прошталниот меч на Федерер ќе биде втор во вечерната програма, штом заврши дуелот на Енди Мареј (В. Британија) и Алекс Де Минор (Австралија), кој почнува во 19.00.

Претходно, натпреварувањето ќе го отворат сингл пресметките меѓу Каспер Руд (Норвешка) и Џек Сок (САД) од 13 часот, како и меѓу Стефанос Циципас (Грција) и Диего Шварцман (Аргентина).