February 27, 2020 14:09
Свет

ФБИ уапси група неонацисти кои планирале насилства

ФБИ уапси тројца припадници на неонацистичка група кои планирале на собир за поддршка на поседувањето оружје да предизвикаат насилство и да почнат меѓурасни судири.

Тие биле уапсени во сојузната држава Мериленд и ќе се појават пред федералниот суд, објави „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на неименуван извор од полиција.

Неколку илјади приврзаници на поседувањето оружје за понеделник планираат голем собир во Ричмонд во Вирџинија како одговор на новата иницијатива на демократите за заострување на законот за поседување оружје.

Гувернерот на Вирџинија, Ралф Нортмен вчера прогласи вонредна состојба и забрани носење огнено оружје и друго оружје околу зградата на локалната влада за време на викендот нагласувајќи дека постојат кредибилни закани на екстремистички групи кои планираат да присуствуваат на собирот.