November 29, 2020 11:32
Свет

ФАО: Следната пандемија може да предизвика отпорност на микроорганизмите на лекови

Микроорганизмите се сè поотпорни на лекови и проблемот може да стане извор на нова пандемија со сериозни импликации врз здравјето на луѓето, земјоделско-прехранбените системи и економијата, предупреди Агенцијата за храна и земјоделство на ООН (ФАО).

Микроорганизмите стануваат поотпорни на лекови, а процесот се забрзува со зголемената употреба на препарати за нивно уништување кај луѓето, животните и земјоделските култури, соопшти ФАО по повод Светската недела на свеста за заразни болести, која се обележува од 18 до 24 ноември.

Најмалку 700.000 луѓе годишно умираат од заразни болести на респираторниот тракт, уринарниот систем и сексуално преносливи болести, кои сè потешко се лекуваат поради отпорноста на предизвикувачките агенси на лекови, потсетува агенцијата на Обединетите нации.

Отпорноста на лекови е исто така сè поприсутна во земјоделско-прехранбените системи и ја загрозува глобалната безбедност на храната, соопшти ФАО.

„Низ целиот свет, луѓето, животните и растенијата веќе умираат од инфекции кои не можат да се третираат дури ни со најсилните антимикробни лекови“, нагласуваат тие.

„Ако не се реши проблемот со отпорноста на лекови на микроорганизмите, следната пандемија со која ќе се соочиме може да биде бактериска и многу поубиствена поради лекови што веќе не дејствуваат“, рече заменик-генералниот директор на ФАО, Марија Хелена Семедо.

Отпорноста на лекови на микроорганизмите е една од глобалните закани, потенцијално поопасна од коронавирусот, заклучува ФАО.