October 26, 2020 01:36
Култура Скопје

Ученици од Општина Центар ќе бидат стипендисти на актерската школа на Весна Петрушевска

Од денеска почнува учебната година по актерска игра во Актерската школа на Весна Петрушевска. Оваа година, актерската школа и КМК Продукција заедно со Општина Центар и компанијата „Пакомак” спроведуваат општествено одговорен проект, „Учиме преку актерска игра”, преку кој 12 талентирани ученици од територијата на Општина Центар ќе бидат стипендирани и ќе ја имаат можноста да се запознаат со магијата на актерската игра.

Предавањата во Актерската школа ќе влијаат и врз подобрување на дикцијата, литературно говорење, надминување на пречките при јавно говорење. Дополнително во ова време, како што се наведува во соопштението, кога младите својата комуникација најмногу ја извршуваат преку социјалните мрежи, овие предавања ќе им ја подобрат и комуникацијата лице в лице.

Како дел од овој проект, доколку здравствената состојба тоа го дозволи, со соработниците од Македонскиот народен театар ќе се реализира и претстава во чест на писателот Горан Стефановски.

Оваа година актерската школа  ја почна во свој простор, зад Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу”.
Наставата ќе се одржува во групи и тоа по 10 ученици, со спроведени протоколи за заштита од КОВИД-19.

Уписите ќе бидат отворени во текот на целата школска година.