April 21, 2021 01:01
Свет

Утре нов ЕУ самит за Ковид-19

Шефовите на држави и влади на ЕУ утре и задутре ќе одржат нов самит за состојбата со коронавирусот во Европа, ќе се разговара меѓу другото за вакцинацијата и за сертификатите за Ковид-19 за патување, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Лидерите на ЕУ се состануваат секој месец речиси откако започна кризата со Ковид-19 за да се обидат да воведат подобра меѓусебна координација во однос на слободата на движење, вакцинацијата и подготовките за олеснување на рестрикциите на пролет и лето.

Состанокот ќе биде преку видеоконференција.

В четврток, лидерите ќе разговараат за епидемиолошката состојба во нивните земји, и ќе дебатираат за мерките кои ги донеле. Европската Комисија веќе изрази незадоволство со некои од мерките во земјите членки како затворањето на границите, и дипломатите очекуваат остри дебати и на утрешниот самит на оваа тема.

На крајот на состанокот се очекува шефовите на држави и влади да испратат ново предупредување до фармацевтските компании за почитување на преземените обврски за испорака на вакцини до земјите членки на ЕУ и барање да се забрза производството. Ќе стане збор и за солидарноста со третите земји.

Земјите членки се загрижени за варијациите на вирусот и способноста на вакцините да се адаптираат на новите соеви што се појавуваат, поради што пред неколку дена се отвори нов здравствен инкубатор, ХЕРА, кој има за цел да ги антиципира и одговори на мутациите. Земјите членки ќе дебатираат и на оваа тема утре.

Дипломатите во ЕУ информираат дека на дневен ред е и дискусија за сертификатите за вакцинирани против Ковид-19, кои ги спомнуваат некои земји членки, за да се олеснат патувањата, посебно во летната сезона. Но, до овој момент, во Брисел оценката е дека нема доволно информации за да се донесе одлука на оваа тема. Нејасно е, на пример, дали вакцинирано лице сѐ уште го носи и може да го пренесе вирусот.

В петок, на лидерите ќе им се придружи генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за дискусија околу односите ЕУ-НАТО и зајакнување на одбранбената политика на ЕУ.