August 20, 2022 02:09
Македонија

Утврден текстот на новиот Закон за служба во Армијата со дополнителни погодности

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 48 седница го утврди текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.
Согласно предложениот текст на законот на Министерството за одбрана е предвидено усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно  зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, како и утврдување на правото на остварување на пензија со навршување на 40 години работен стаж, односно 38 за жените без оглед на возраста.
Со измените и дополнувањата е предвидено и проширување на најповолните услови за пензионирање на сите припадници на воениот и цивилен персонал кои правото на пензија го стекнале од денот на формирање на Армијата во висина од 80% во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.
Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од 1.000 евра за секоја година помината во Армијата, новиот предлог согласно барањето на Синдикатите е износот да биде две просечни плати но не помалку од 1.000 евра, со што е оставен простор за повисок износ.
Со новопредложените  измени и дополнувања е предвидена и можност правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно технички персонал во Министерството.
Со новите измени и дополнувања, како резултат на инклузивниот процес и дијалог меѓу  Министерството за одбрана, Генералштабот и синдикатите на одбраната, текстот на Предлог-законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија  е испратен на усвојување во Собранието.
Владата денеска ги прифати и измените и дополнувањата на Законот за плати на јавните обвинители.
Со предложените одредби се прилагодува коефициентот за утврдување на плата на јавните обвинители и вкупните заложби за подобрување на материјалните и финансиските ресурси во правосудниот систем вклучително и платите и другите надоместоци на јавните обвинители.
Цел на предложените законски измени е надградување на системот на плати на јавните обвинители, соодветни на значењето и угледот на функцијата кои тие ја вршат, тежината на работата и нивната одговорност.
На оваа своја седница Владата ги утврди и измените и дополнувањата на Законот за изменување на Законот за судска служба.

Основната цел на Предлогот на законот е постигнување на еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор, судската служба како негов дел, со најниските примања преку воспоставување на ист износ на законска минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на судските службеници од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во судската администрација во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел. Истовремено, во рамките на усогласувањето на Законот за судска служба со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, се врши и зголемување на платите на вработените во судската служба за 15%.

Владата денеска го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за јавно обвинителска служба кој има за цел воспоставување на ист износ на законска минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на јавно обвинителските службеници од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во јавно обвинителската администрација во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел. Во рамките на усогласувањето на Законот за судска служба со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, се врши и зголемување на платите на вработените во судската служба за 15%.