June 26, 2019 09:17
Македонија

Усвоена програма за трансплантација со цел зголемување на бројот на донори

На денешната владина седница министрите ја усвоија предлог-програмата за трансплантација во Република Македонија за претстојната година.

Целта на оваа програма е да се зголеми бројот на донори од починато лице преку олеснување на постапката на трансплантација на органи и ткива во интерес на пациентите, зголемување на бројот на пресадувања на органи и ткива од човечкото тело заради лекување, се наведува во соопштението на владината прес-служба.

Програмата ќе создаде систем којшто ќе обезбеди и којшто ќе гарантира правичен пристап кон органите и ткивата преку формирање на листа на чекање според видот на органи кои ќе се базираат на транспарентни, објективни и медицински критериуми. Дел од активностите на оваа програма ќе бидат насочени и кон подигање на свеста кај населението за донирање на органи и ткива, особено преку информирање на јавноста за важноста на трансплантацијата на органи и ткива, се додава во владиното соопштение.

Министрите на 114. седница ја прифатија предлог-програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери и за обезбедување средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за корисниците на правото на социјална парична помош во Република Македонија за 2019 година.

Според програмата, пензионерите кои имаат пензија пониска од 14.000 денари се ослободени од плаќање партиципација при лекувањето во болнички здравствени установи. Додека корисниците на правото на социјална парична помош се ослободени од партиципација при користење на специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги во Република Македонија.

Од областа на здравството, денеска Владата ја прифати и предлог-програмата за лекување на ретки болести во Република Македонија за 2019 година. Програмата ќе овозможи континуитет на активностите кои државата ги презема за  набавка на медицинска терапија за  лекување и третман  за пациентите со ретки болести во Република Македонија и за неа се обезбедени вкупно 380 милиони денари, се наведува во соопштението од владината седница.

Нови вести

СДСМ: Напредокот кон НАТО продолжува, 19 земји членки го ратификуваа Протоколот

Daniela

ВМРО-ДПМНЕ: Заев мора да одговара за пустошот кој го креира во економијата

Daniela

Реконструкцијата на Владата денеска на собраниска седница

Igor