December 7, 2021 03:52
Балкан

УРА до коалициските Демократи и ДФ околу реконструкцијата на црногорската Влада: Ако имате мнозинство закажете седница уште денеска

Владеачката црногорска партија УРА на потпретседателот на црногорската Влада, Дритан Абазовиќ, денеска немаше дециден став дали предлогот на коалициските партнери Демократскиот фронт (ДФ) и Демократска Црна Гора за реконструкција на владата е прифатлива за нив, но соопошти дека доколку двете коалиции го имаат потребното мнозинство за реконструкција на владата, можат да закажат седница на Собранието уште денеска.

ДФ и Демократите го немаат потребното мнозинство од 41 пратеник за реконструкција на владата.

„Европска, граѓанска и еколошка Црна Гора, свртена кон интеграцијата во ЕУ како највисок приоритет на државата, останува наша почетна точка од која никогаш нема да се откажеме. Кој не сака таков концепт, рековме и повторуваме, може да бара други партнери, а УРА нема да биде соучесник во тоа”, се наведува во соопштението на УРА.

Владеачките Демократски фронт и Демократска Црна Гора доцна синоќа соопштија дека е потребна реконструкција на Владата на Црна Гора со тоа  што место досегашните 12 во иднина треба да има 18 министерства и тројца потпретседатели, а потпретседателите да бидат и ресорни министри.

Како што наведоа синоќа, на последната средба на претседателите и претставниците на конституентите на парламентарното мнозинство, било договорено дека е неопходно двата најголеми политички субјекти во него да постигнат договор за решавање на отворените политички прашања што го спречуваат редовното функционирање и дека другите нема да бидат кочница за тоа.

Почитувајќи го тоа барање, се посочува, претходните денови се одржаа консултации помеѓу претставниците на ДФ и Демократите, според кои, поделбата на одговорностите би била договорена со формалниот предлагач на реконструкцијата на Владата, а политичките организации би номинирале свои претставници во согласност со пропишаните процедури и демократски стандарди.

„Обвинителскиот совет ќе се избере на истата седница на која ќе се реконструирана владата. На гореспоменатиот начин, ќе се решат отворените политички прашања, ќе се зајакне 42 -тата Влада и ќе се постигне потребното ниво на политичка стабилност потребно за натамошни реформски процеси “, се заклучува во заедничката изјава на ДФ и Демократите.