August 8, 2022 18:54
Култура

Унковски се враќа во МНТ со претставата „Сите сме птици”

Режисерот Слободан Унковски по девет години пауза повторно се враќа во Македонскиот народен театар со нова претстава „Сите сме птици”, по текстот на либанско-канадскиот автор Важди Муавад.

– Ја поставува оваа моќна современа драма која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, притоа го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме. Во драмата на уникатниот и современ автор Муавад, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сè она што го знаат за својот идентитет. Терористички напад во Ерусалим го става во кома младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан, додека неговата мароканска девојка Вахида е оставена да ја открие неговата семејна тајна, велат од МНТ.

Во претставата ќе играат Емил Рубен, Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Николина Кујача, Дамјан Цветановски, Тина Трпкоска, Петре Арсовски, Сара Климоска и други.

Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска.

Унковски во изминатите децении на сцената на Македонскиот народен театар ги постави претставите „Јунона и паунот” (1971), „Среќна нова ’49” (1985), „Ништо без Трифолио” (1986), „Гнев божји” (1990), „Црнила 005″ (2005) и „Изгубени германци” (2013).

Премиерата на претставата „Сите сме птици” се очекува со почетокот на новата театарска сезона.