December 5, 2022 09:16
Македонија

Универзитетот АУЕ – ФОН ја прими дваесеттата генерација студенти

Дваесетта генерација студенти прими Американскиот универзитет на Европа – ФОН, во академската 2022/2023 година. Првиот приватен универзитет во државата денеска го одржа првиот академски час за новите бруцоши.

-Посветеноста на знаење, иновации и технологијата е од суштинско значење за иднината и ние нема да ја изгубиме нашата решителност, изјави ректорката проф. д-р Билјана Пулеска-Јанушевска и додаде дека со истражувачи и предавачи од светска класа и со студиските програми, универзитетот има потенцијал да придонесе за решавање на различни сложени предизвици за општеството.

Заменик-директорката на АУЕ – ФОН, проф. д-р Александра Србиновска-Дончевски, изрази задоволство од враќањето на студирање со физичко присуство и директната комуникација. Посочи и дека покрај формалното образование, АУЕ – ФОН дополнително овозможува и неформално образование оранизирано во форма на кратки курсеви и програми од различни области, а АУЕ – ФОН дополнително, рече таа, им ги отвора вратите на младите кон практичната програма „Студирај и работи”.

На првиот академски час се обрати и ректорот на Високата школа за осигурување и финансии од Софија, проф. д-р Борис Велчев, кој ги презентираше двојните програми за студентите од областа на бизнис и економија за прв и втор циклус студии.

-Високата школа за осигурување и финансии е во топ четирите универзитети во системот за рангирање на високообразовните институции во Бугарија во областа економија за 2021 година. Истовремено, ние сме во топ трите најдобри бугарски универзитети на кои се изучуваат студиски програми за специјалности од областа на економските науки, според магазинот „Форбс”. Стекнатата двојна диплома од нашиот универзитет, на студентите од Македонија им дава можност професионално да се рангираат на меѓународно ниво, рече Велчев на првиот академски час на АУЕ – ФОН.