January 30, 2023 02:39
Свет

Унгарија ја блокира помошта на ЕУ за Украина, Чешка ја симна од дневен ред

Унгарија на состанокот на министрите за финансии на земјите членки на ЕУ блокираше макроекономска финансиска помош за Украина во износ од 18 милијарди евра, обидувајќи се да добие одобрение за средства од кохезионите фондови и механизмот за закрепнување од пандемијата, а чешкото претседателство го симна целиот пакет од дневниот ред.

Чешкото претседателство планираше да гласа за пакетот одлуки кои вклучуваат договор за минималната стапка на корпоративниот данок, макроекономска помош за Украина, замрзнување од 7,5 милијарди евра за Унгарија и одобрување на унгарскиот национален план за закрепнување и отпорност.

Унгарија одби да даде согласност, Чешка ја симна од дневен ред

Откако Унгарија одби да даде согласност за макроекономска помош за Украина, чешкото претседателство одлучи да го тргне целиот пакет од дневниот ред. „Не можевме да го усвоиме пакетот како целина, но не сме обесхрабрени. Нашата амбиција сè уште е да почнеме да плаќаме помош за Украина во јануари“, изјави чешкиот министер за финансии Збинек Стањура.

Сега се разгледува можноста за свикување вонреден состанок на министрите за финансии, некои го споменуваат следниот понеделник, 12 декември. Доколку ситуацијата ескалира, не е исклучена можноста прашањето да се најде на дневен ред на самитот на лидерите на ЕУ на 15 и 16 декември.

Комесарот за буџет Јоханес Хан рече дека Комисијата ќе се обиде да најде решение за Украина до следниот месец, можеби преку механизмот за засилена соработка, што е еден начин да се избегне вето. Но, во тој случај земјите членки треба да дадат гаранции во своите национални буџети, а за тоа во некои држави е потребна одлука на нивните парламенти, за што може да биде потребно време.

Одлуката за предлогот за замрзнување на средствата на Унгарија треба да биде донесена најдоцна до 19 декември. Комисијата предложи Унгарија да суспендира 65 отсто од средствата од три оперативни програми во рамките на политиката на кохезија, во износ од 7,5 милијарди евра.