December 9, 2022 13:36
Свет

Украинците објавија инструкции – што да се прави во случај на нуклеарен напад

Украинскиот центар за стратешка комуникација и информациска безбедност на Украина објави инструкции за граѓаните што да прават во случај на нуклеарен напад.

Од Центарот наведуваат дека во случај на користење на т.н валкани бомби, забрането е земање препарати на база на јод бидејќи истиот може да предизвика непоправлива штета на организмот.

Според познавачите, таканаречените валкани бомби се оружје што комбинира радиоактивен материјал со конвенционални експлозиви.

Центарот наведува и како да се консумираат таблети со јод во случај на напад: доза од 16 mg се препорачува за бебиња до еден месец, доза од 32 mg за деца на возраст од една до три години и доза од 62,5 mg за оние до 12 години. Се препорачува тинејџери, бремени жени, доилки и возрасни под 40 години да земаат 125 mg.

„Ако ве зафати нуклеарна експлозија во стан, погрижете се воздухот однадвор да не влегува во просториите на куќата. Затворете ги сите прозорци, врати, отвори за вентилација, исклучете ја климата и греењето. Доколку е можно, преместете се во просторија без прозорци“, се наведува во препораките.

Се препорачува граѓаните да останат во засолништа 24 часа, освен ако поинаку не е препорачано од властите.

„Не јадете и не допирајте ништо што може да биде радиоактивно контаминирано“, се додава во напишаното.

Исто така, не се препорачува да се пие вода од чешма додека не стигне известување дека тоа е безбедно.

Доколку граѓаните се на отворено во моментот на нападот, може да забележат блесок на небото и им се советува да не гледаат во таа насока бидејќи тоа може да предизвика изгореници на рожницата, слепило и изгореници на очите.

„Запрете го автомобилот на безбедно место на страната на патот, затворете ги вратите и прозорците, блокирајте го влезот на воздух. Ако е можно, заштитете ги ушите со слушалки. Покријте ги устата и носот со маска или крпа и дишете низ неа додека не сте во засолниште“, се советува.

Се препорачува граѓаните да побараат засолниште во случај експлозијата да ги најде на отворено.