Спорт

Украина ја победи Португалија, Бугарите примија шест гола од Англичаните

Украина обезбеди нов настап на Европско првенство откако вечерва со 2:1 го победи актуелниот шампион Португалија, Англија славеше со 0:6 во Софија во меч кој го одбележаа расистички навреди и фашистички поздрави, а Косово славеше против Црна Гора.

Украина поведе со 1:0 веќе во 6. минута, Јаремчук погоди на асистенција на Кривцов. Дваесет минути подоцна, Јармоленко донесе 2:0. До крајот на мечот, Португалија постигна само почесен гол, Кристијано Роналдо од пенал намали на 2-1 и го постигна погодокот број 700 во својата кариера.

Во оваа група, Србија со 1:2 триумфираше на гостувањето кај Литванија за да остане во игра за второто место на табелата. Митровиќ беше двоен стрелец на стартот од второто полувреме, а Казлаускас во 79. минута го постигна голот за домаќините.

Во Групата А, Англија ја наполни мрежата на Бугарија и стигна до триумф од 0:6 во Софија, во натпревар кој два пати беше прекинуван и одбележан од расистички навреди и фашистички поздрави. Рашфорд го отвори резултатот во 7. минута, потоа следеа два гола на Баркли, а пред крајот на првиот дел, Стерлинг зголеми на 0-4. Истиот играч погоди по втор пат во 69. минута, а точка на мечот стави Кејн во 85. минута.

Со овие три бода „трите лава“ се на чекор до првото место во групата, а за втората позиција ќе има борба до крајот. Косово вечерва со 2-0 ја совлада Црна Гора и ги задржа шансите за пласман на ЕВРО.

Во Групата Х, Франција и Турција ги поделија бодовите играјќи 1-1 и направија исчекор кон пласман на Европско првенство. Исланд со 2-0 ја совлада Андора и ги задржа теоретските шанси, додека во натпревар без резултатско значење, Албанија со убедливи 0-4 триумфираше на гости кај Молдавија.