August 14, 2022 21:29
Свет

Украина очекува сите земји од ЕУ да ја поддржат нејзината кандидатура за членство

Заменик-премиерката на Украина задолжена за европски и евроатлански интеграции Олха Стефанишина денеска изјави дека е сигурна дека сите 27 земји од ЕУ ќе ја прифатат кандидатурата на Украина за членство на самитот оваа недела.

Стефанишина рече дека одлуката би можела да биде донесена утре, за време на првиот дел од дводневниот самит во Брисел.

Таа додаде дека земјите кои претходно беа скептични, Холандија, Шведска и Данска, сега го поддржуваат доделувањето кандидатски статус на Украина.

Стефанишина ја опиша минатонеделната одлука на Европската комисија (ЕК) да ја поддржи кандидатурата на Украина како „пресвртница” и додаде дека едногласната поддршка на ЕК ги охрабрила земјите кои најмногу се двоумеле.

 „Повеќето лидери на земјите од ЕУ веќе изјавија дека има консензус, така што нема разговори за тоа”, рече Стефанишина.