Македонија

Укинат монополот на поштенскиот пазар, интерес за нови лиценци

На поштенскиот пазар во државава повеќе нема монопол. По осум години од почетокот на активностите и неколку одложувања, од почетокот на годинава настапи целосна либерализација. Престанаа да постојат ценовните монополи за поштенските услуги за пратките за коресподенција и пратките со директна пошта, со маса до 50 грама, односно резервираните услуги кои беа загарантирани со Законот за поштенските услуги.

Целосната либерализација на поштенскиот пазар значи дека АД Пошта на Северна Македонија Скопје нема повеќе ексклузивно право, ниту ценовен монопол за овие услуги, а приватните поштенски оператори  можат слободно, по пазарни услови да ги формираат цените за нивните поштенски услуги за писма со маса до 50 грама.

АД Пошта на Северна Македонија со лиценца од највисок ранг – Индивидуална дозвола и натаму е давател на универзална услуга, со обврска да го извршува сетот на основни поштенски услуги, преку сопствената мрежа, низ целата територија на државата и во меѓународниот сообраќај по цени регулирани од Агенцијата за пошти.

Од Агенцијата за пошти за МИА објаснуваат дека гледано од страна на корисниците, либерализацијата во поштенскиот сектор значи можност и право за избор на поштенски услуги и на давател на поштенски услуги, вклучително и на услугите за писмата до 50 грама, секој според своите потреби и според други критериуми (достапност, квалитет, флексибилност), а не само според цената.

-Очекувањата се дека со либерализацијата ќе се зголеми квалитетот на поштенските услуги, пораст на пазарната конкуренцијата, подигнување на задоволството на корисниците од поштенските услуги, се очекува и преструктуирање на приходното портфолио од приходи кои во целост зависат од традиционалните поштенски услуги, кон приходи кои се остваруваат од современите и модернизирани поштенски услуги кои вклучуваат достава на пратки кои се предмет на онлајн трговија, дигитализација и модернизација на интерните технолошки и оперативни процеси во Пошта на Северна Македонија, при што изминатиов период може да се забележат промени во нивното работење кои се базираат на нудење на современи дигитални услуги како и дигитализација на севкупниот процес на достава на пратки и писма, изјави за МИА Билјана Аврамовска, директор на АП.

Како што укажува таа, со оглед дека се зголемува интересот за работа во поштенскиот сектор искажан преку поднесување на девет нотификации за добивање на општи овластувања од почетокот на  годинава, се очекува подинамичен пазар во наредниот период.

-Укинувањето на монополот ја отвора можноста за работа во овој сектор со поширока палета на услуги на понуда, па следствено тоа  ќе има одредени поместувања и на пазарот. Со повеќе даватели на поштенски услуги се подразбира и одредена дисперзија на услуги согласно понудата на квалитетот, цената и потребите на корисниците. Онлајн понудата и побарувачката свое влијание има на зголемување на пакетските услуги, па од таму се гледа и поголемиот интерес за работа во овој сектор  посебно во делот на пакетските и логистичките услуги, но секако дека и отворањето на услугите до 50 грама поттикнува голем интерес кај давателите на поштенските услуги со оглед дека овој момент се очекува уште од 2012 година, вели Аврамовска.

Во секој случај, укажува, реално првите податоци за начинот на кој влијание има укинувањето на монополот се очекуваат по завршување на првото полугодие кога ќе бидат доставени и првите извештаи, тргнувајќи од фактот дека е укинат монополот, спремноста за понудата на цени согласно квалитет на кој ќе се обезбедуваат услугите, а сето тоа да биде во согласност со потребите на корисниците.

-Иако либерализацијата настапи многу подоцна од првично пропишаниот датум 01.01.2012 година, задоволни сме што заложбите и активностите на Агенцијата за пошти во изминатиот период од 12 години, за развој на ефективна и динамична конкуренција и либерализација во секторот, конечно имаат позитивен епилог, посочува Аврамовска.

 

Укинувањето на монополот воспоставен во 2002 година во корист на давателот на универзална услуга – тогаш АД Македонска пошта Скопје, сега Пошта на Северна Македонија АД Скопје, се одвиваше постепено. Од 2002 до 2007 година резервирани беа услугите за писма со тежина од 350 грама, а во 2008 година истите се намалија на 100 грама. Од 2009 година следуваше повторно намалување до 50 грама, состојба која постоеше до 31.12.2020 година.

Со Законот за поштенските услуги се основа и Агенцијата за пошти како независно регулаторно тело кое се грижи за ценовната политика, интересите и правата на корисниците, но пред сè, заради донесување на регулаторната рамка и за олеснување на процесот на целосна либерализација на поштенскот пазар во државата. Агенцијата стана функционална во ноември 2008 година како институција со исклучителни надлежности во поштенскиот сектор, во насока на поттикнување, промовирање и развој на конкуренцијата.

-Во овој нов контекст, на целосно либерализиран пазар на поштенските услуги, работата на Агенцијата за пошти е посветена и насочена кон иницијативата за измена на Законот за поштенските услуги и подготовката на неопходните подзаконски акти, во кој вклучително ќе се инкорпорираат и одредбите од Регулативата за меѓународни услуги за достава на пакети ( Regulation on cross-border parcel delivery services). Тоа ќе значи  дека поштенските даватели ( давателите на пакетски услуги) треба да обезбедат ценовни информации со кои ќе им се овозможи на националните регулаторни тела да имаат подобар регулаторен надзор врз работењето на давателите и нивните подизведувачи. Преку имплементирање на оваа регулатива ќе се подобри транспарентноста за цените и преку тоа ќе се олесни проценката на прекуграничните тарифи, појаснува Аврамовска.

 

АП е фокусирана и на учество во процесот на имплементација на системот за посебно сметководство од страна на давателот на универзалната услуга.  Во однос на имплементацијата на системот за посебно сметководство давателот на универзалната услуга ги нагласуваат придобивките од Твининг проектот во предлагањето и подготовката на модел за алокација на трошоците и приходите. Меѓутоа, укажува Аврамовска, за целосна имплементација на моделот, давателот на универзалната услуга мора да обезбеди доволно податоци (за обемот на поштенски пратки, за норма минутите за извршување на поштенските активности и сл.). Тие податоци се неопходни за комплетирање на целокупниот процес на имплементација и во оваа област.

-Главните предизвици во услови на либерализиран поштенски пазар кон кои ќе се фокусира Агенцијата се одржливост на универзалната услуга, постоење на фер конкуренција и грижа за корисниците на поштенските услуги. Агенцијата континуирано го следи поштенскиот пазар, ги прилагодува своите регулаторни инструменти и алатки соодветно на  приоритетите кои при тоа ги идентификува,во насока на креирање амбиент за фер конкурентски натпревар во интерес на сите  учесници, вели директорката на АП.

Регистарот на лиценци на поштенскиот пазар покажува дека во државава работат вкупно 43 оператори, од кои 42 се со лиценца со општо овластување.

 

Активнстите на АП се насочени и кон зајакната супервизија на пазарот на поштенските услуги со цел да се откријат и да се превенираат злоупотреби на пазарот од аспект на недозволено работење на правни субјекти кои немаат добиено Општо овластување за обезбедување на поштенски услуги. При презентацијата на активностите во минатата година од АП објавија дека во рамки на активностите за сузбивање на сивата економија,  во соработка со давателите откриле адреси и точни локации на магацини на шеесетина  нерегистрирани е-трговци.

AnimeHeaven dubbed anime: Watch Log Horizon: Destruction of the Round Table Episode 3

AnimeFreak watch anime online: Watch Hunter x Hunter (Dub) Episode 34