October 31, 2020 17:30
Економија

Угостителите преку заеднички одлуки бараат решенија за да се премостат загубите во работењето

Угостителите бараат преку дијалог заеднички да се носат одлуки за начинот на кој ќе функционираат за да бидат применливи и да се намалат загубите кои ќе доведат до тоа поголем дел од угостителските објекти да не ја преживеат зимата, а неминовно ќе биде и рационализација на вработените. Предлаат заеднички да се носат решенија бидејќи протоколите што ги носат институциите не се применливи во пракса, а за што денеска ќе дискутираат на конференција организирана од Незивната угостителска комора.

Претседателот на Комората Здравко Јосифовски вели дека преку дијалог сакаат да укажат дека со новите протоколи доколку се респектираат и се пристапи кон подигање на јавната свест и јавното здавје ќе се придонесе угостителските објекти да функционираат како што треба.

-Проблемот со кој се соочуваме е дека Комисијата за заразни болести носи одлуки и протоколои што теба да ги имплементираме, а кои во пракса не може да се спроведат. Од друга страна носат протоколи со кои се прават настани од големи размери со неколку илјади луѓе каде што не можат да се почитуваат протоколи, а истовремено немаме протоколи кои можеби ги засегаат угостителските објекти, како што се оние за правење свадби и оние кои работат како ноќни клубови, изјави Јосифовски.

Тој потенцира дека угостителите оваа година едвај ќе ја завршат со третина од приходите што ги остварувале претходно и кои нема да ги покријат ниту основните трошоци и оти доколку не се најде начин како да се надмине тоа поголем дел од угостителите нема да ја преживеат зимата.

-Имаме податоци, дека во Македонија се регистрирани 6500 субјекти кои вршат угостителска дејност со околу 35000 директно вработени и целокупниот приход што го оставувараат во изминатите години достигнува до 850 милиони евра, од кои над 100  милиони завршуваат во државната каса за даноци и 45 милиони за придонеси за вработени. Оваа година едвај ќе завршат со една третина, што ни од далеку не можат да ги покријат основните трошоци. Тие приходи ќе генерираат загуби и ако не се најде начин како да се премости поголемиот дел од угостителите нема да ја преживеат зимата, истакна Јосифовски.

Наведува дека со ваквиот начин на работење ќе мора да ги рационализираат трошоците, што ги опфаќа и вработените.

– Се настојува секој вработен да се задржи, но  треба да се сфати дека економската исплатливост на бројот на вработени и начинот на кој се работи досега не е ист како во минатото. Ние не ги викаме отпуштања, туку рационализација на трошоците кои се неминовни, потенцира претседателот на Независната угостителска комора.