Search

Уапсени тетовци кои измислувајќи сообраќајки барале пари од семејствата на наводните жртви 

Приведени се две лица од Тетовско осомничени за измама и злоупотреба на податоци, кои измислувале дека има случени сообраќајни несреќи па барале пари од семејствата на наводна жртва или причинител.  Влера се приведени се А.З.(21) од село Церово и Р.М. (44) од Тетово по пријава на на 36-годишник од Косово. 

Според пријавата на Д.Б (36) од Косово, едно лице во четири наврати успеалo да земе парични средства, преку фирми за брз трансфер на пари, во износ од 340 евра, 440 евра, 400 евра и 740 евра. По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници било констатирано дека станува збор за Р.М. од Тетово.

-Притоа, според пријавеното, Р.М., преку телефонска комуникација, лажно се претставил и лажно прикажал факти дека блиски луѓе на Д.Б. имале сообраќајна незгода во Крива Паланка, во која починале, а паричните средства му требале за подигање на телата. Р.М., исто така, побарал парични средства од 400 евра и од Е.Б. од Р. Албанија, со изговор дека негов близок имал сообраќајна незгода во Охрид, а парите му требаат за да ги подмири трошоците во болница. Паричните средства биле подигнати од страна на А.З, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Приведениот Р.М. се сомничи дека минатата и оваа година бил инволвиран во десетина измами на лица од неколку градови од нашата земја како од Куманово, Охрид, Виница и други места употребувајќи измислени приказни за сообраќајни несреќи на нивните најблиски, откако  претходно ги злоупотребувал нивните лични податоци и потоа барал и добивал парични средства за наводно пренесување на лекување или за погребување.

Р.М. задржан е во Полициската станица Тетово и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица, која е најчесто телефонска, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги, да ги проверуваат податоците пред да станат жртви на измама, да не им даваат пари на измамниците и сите сомнителни случаи веднаш да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192. Министерството за внатрешни работи презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на пријавените сторители на измами. 

Треба да знаете
Последни објави