January 29, 2023 14:25
Свет

Турција ќе го поддржи влезот на Финска во НАТО кога ќе ѝ го укине ембаргото за оружје

Финска мора јавно да објави дека ја укинува забраната за продажба на оружје на Турција за Анкара да се согласи на членството на таа земја во НАТО, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Чавушоглу ги изрази очекувањата на Турција од Хелсинки пред пристигнувањето во Анкара на финскиот министер за одбрана Анти Кајконен, кој во четврток со турскиот колега Хулуси Акар ќе разговара за аспирацијата на Финска за членство во НАТО.

„Посетата на финскиот министер за одбрана на Турција е важна, бидејќи сѐ уште не ја слушнавме објавата на Финска дека го укинува ембаргото за оружје против нас. Од таму очекуваме таква изјава“, изјави Чавушоглу за новинарите.

Загрижени дека би можеле да станат цели на Москва, Шведска и Финска ја напуштија долгогодишната политика на воена неутралност и поднесоа барање за членство во НАТО, откако Русија ја нападна Украина во февруари.

Турција, членка на НАТО, ги попречува напорите на Шведска и Финска да се приклучат на алијансата, обвинувајќи ги дека ги игнорираат заканите кон Турција од курдските вооружени формации и другите групи кои Анкара ги смета за терористички. Анкара врши притисок врз Финска и Шведска да се справат со припадниците на таквите групи, истовремено барајќи укинување на ембаргото за оружје за Турција.

Во септември, Шведска објави дека ја укинува забраната за продажба на оружје на Турција што ја воведе во 2019 година, по турската воена операција против курдските формации во Сирија.

Турција и Унгарија се единствените две земји во НАТО кои не го ратификуваа протоколот за пристапување на Финска и Шведска во алијансата, додека другите 28 членки го сторија тоа.