August 13, 2022 17:23
Балкан

Турција размислува за повторно воведување на смртната казна

Турција ќе ја преиспита својата одлука од 2004 година за укинување на смртната казна, изјави денеска турскиот министер за правда Бекир Боздаг.

Смртната казна беше изземена од Уставот во првите години од доаѓањето на власт на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Меѓутоа, откако се појави сомнежи дека 4.500 хектари шума во близина на одморалиштето Мармарис на брегот на Егејското Море се уништени во намерно предизвикан шумски пожар, Ердоган рече дека е неопходна построга казна.

Властите соопштија дека е уапсен осомничен кој признал дека го подметнал пожарот.

Ердоган веднаш по посетата на местото на пожарот посочи дека казната за „палење шуми треба да биде застрашувачка, а ако треба и смртна казна“.

Боздаг истакна дека коментарите на претседателот се инструкции.

„Почнавме да работиме на тоа во нашето министерство“, рече Боздаг и истакна дека актуелниот закон за палење пожари предвидува казна од десет години затвор до доживотен затвор, доколку се докаже поврзаност со организираниот криминал.