November 30, 2020 20:11
Балкан

Турција најостро ја осуди карикатурата на Ердоган во Шарли Ебдо

Високи турски владини претставници ја осудија карикатурата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган во францускиот сатиричен неделник Шарли Ебдо, истакнувајќи оти е „одвратен обид за ширење на културен расизам и омраза”.

– Силно ги осудуваме карикатурите на нашиот претседател во француското списание кое нема почит кон ниту една религија. Ништо не им е свето, немаат никави вредности, напиша портпаролот на Ердоган, Ибрахим Калин на Твитер.

Тој додаде дека со тоа Шарли Ебдо покажува дека е „вулгарен и неморален”.

– Напад врз нечии приватни ставови не е хумор ниту слобода на изразување, додаде Калин.

Додека претставникот на Ердоган за медиуми, Фахретин Алтун изјави дека антимуслиманската пропаганда на францускиот претседател Емануел Макрон „дава плодови”.

– Го осудуваме најодвратниот чин предизвикан од најновата карикатура, што шири расизам и омраза, напиша Алтун ан Твитер.

На насловната страница на Шарли Ебдо, Ердоган седи во бела кошула и долна облека, држи пијалак и го подигнува здолништето на жена во хиџаб, на која и се гледа задникот.