December 10, 2022 06:41
Спорт

Турскиот селектор по дебаклот на ЕУРО: Не си давам отказ, за ова се виновни медиумите

Иако на ЕУРО пристигна со високи цели и амбиции, а многумина ги сметаа и за фаворити од сенка со оглед на имињата во составот, но и формата која ја има во последно време, турската репрезентација се претвори во едно од најнепријатните изненадувања на ЕП.

Турција заврши на дното во групата А откако загуби на сите три натпревари со гол разлика 1:8.

Турскиот селектор Шенол Ѓунеш за „неприфатливиот учинок“ на неговата екипа на ЕУРО ги обвини бројните фактори, но не планира да даде оставка и покрај се поголемиот притисок од турската јавност.

„Оваа млада екипа ќе ги одбележи следните 10 години во турскиот фудбал, но свесни сме дека таквиот настап на овие турнири е неприфатлив“, изјави Ѓунеш.

Турците го отворија ЕП со пораз од Италија, потоа следуваше поразот од Велс и на крајот од Швајцарија.

„Јас сум одговорен за ова“, додаде селекторот порачувајќи дека не размислува за оставка и како едни од главните виновници за резултатот ги истакна медиумите.

„Во моментов не размислувам за оставка, сметката за неуспехот мора да се плати, но одговорни се и медиумите, одговорна е и управата, исто така е одговорен и стручниот штаб“, нагласи тој.

„Тоа беше голем тест за нас, но понекогаш можат да додадат повеќе искуство отколку успех“, порача на крајот Ѓунеш.

Ова му е втор мандат на турската клупа, а го започна во 2019 година. Во првиот мандат од 2000 до 2004 година ја предводеше Турција до третото место на СП во 2002 година.