Search

Турскиот писател и сценарист Ерџан Кесал специјален гостин на „Про-За Балкан“

Сценаристот на антологиските филмови „Беше еднаш во Анадолија“ и „Три мајмуни“ од режисерот Нури Билге Џејлан ќе биде гостин во Скопје само на еден ден, на отворен разговор во турскиот културен центар „Јунус Емре“, информираат од тимот на интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“.

Турскиот писател, актер и сценарист Ерџан Кесал ќе биде специјален гостин на седмото издание на фестивалот чие мото годинава е „Синергија: литература, филм, музика“.

Еден од сценаристите и актери во „Беше еднаш во Анадолија“, филмот што освои Гран при во Кан во 2011 година, публиката ќе може да го види на 20 мај од 17 до 18 часот во Турскиот културен центар „Јунус Емре“, на средбата наречена „Ерџан Кесал во Скопје!“.

И покрај тоа што периодов е зафатен со снимање, Кесал, кој игра во турската серија „Јама“ што периодов е актуелна за македонската публика, изразил голема желба да дојде на фестивалот и да остане макар еден ден.

„Моето пишување не потекнува од ништо друго освен од моите искуства. Прашањето е како треба да се поврзам со нив? Секогаш кога пишувам, бездната во која се навалувам и зјапам не е ништо друго освен длабоката темнина во мене. Оттаму, што и да правам, е ревидирана и регенерирана рефлексија на комплицираниот материјал вткаен во мојата меморија. Јас пишувам со тоа што ‘повторно го создавам’ сето она што останало од тоа што го живеам, гледам, слушам и читам. Што останува, останува“, вели Кесал за македонските медиуми.

Ерџан Кесал (роден во 1959 година во градот Аванос) е писател, актер и сценарист. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Еге“ во 1984 година. Повеќе години се занимавал со медицина, по што посетувал обуки по практична психологија и социјална антропологија. Неговите современи текстови и авторски приказни се објавени во турските весници „Радикал“ и „Биргин“. Кесал, исто така, пишува сценарија за турски филмови. Актерската кариера ја почнал во филмот „Далечен“ на славниот режисер Џејлан. Игра во многу филмови, а се потпишува и како сценарист. Се издвојуваат „Беше еднаш во Анадолија“ и „Три мајмуни“, исто така на Џејлан.

Неговиот последен роман – „Древни времиња“ е дневник во кој е опишан процесот на создавање на „Беше еднаш во Анадолија“.

„Самовилска газоза“ е збирка приказни за наједноставните, а сепак највосхитувачки аспекти од животот – раѓањето и умирањето, растечките болки и фрустрацијата од стареење, за понекогаш тешките, но, сепак, саканите односи во семејството – раскажано низ очите на повеќе различни ликови. Неговата новела „Потенцијалниот кандидат“ е објавена во 2015 од издавачката куќа „Илетисим“. „Огледалото на Гин“ е објавен во 2016 од истата издавачка куќа.

Автор е и на други книги, како што се „Всушност”, „Во потрага по времето“ и „Метин Ерксан, онака како што го знам“.

Треба да знаете
Последни објави