June 25, 2022 09:18
Македонија

Тупанчевски очекува во Собранието поддршка на предложените закони кои се од јавен интерес

Министерот за правда Никола Тупанчевски очекува во Собранието поддршка на предложените законски решенија кои се од јавен интерес, како што се Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и Законот за академија за судии и јавни обвинители.

Во однос на заглавените закони во Собранието и блокадата од опозицијата, Тупанчески во емисијата „Топ тема”, вечерва рече дека ставот на опозицијата бил дека ќе ги поддржи законите кои се од општ интерес и дека затоа очекува пратениците да покажат зрелост во таа насока.

– Земете ги измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Јас мислам дека тоа е закон од јавен интерес. Не гледам дека би можело политички некој да добие или профитира. Понатаму, Законот за академија за судии и јавни обвинители. Да, има некои работи кои што треба да се корегираат амандмански, но и тоа е закон кој што треба да биде над ситуацијата, изјави Тупанечсвки.

Тупанчески, посочи дека Министерството за правда го направило тоа што требало да биде направено и најголем дел од законите се во собраниска процедура.

Во однос на новиот Изборен законик, Тупанчески рече дека тој треба да се донесе консензуално и најмалку шест месеци пред избори.

– Во работната група ќе бидат застапени сите засегнати страни, од невладиниот сектор, политички партии, меѓународни организаиции … така што, се што сметаме дека треба да биде дел, ќе биде вклучено во работната група. Идејата е работната група да ја води професионалец и до него да има експерт од странство, што ќе му помага, изјави Тупанчески.

Работната група, според министерот Тупанчески, ќе треба да даде прелог решение што ќе опфаќа три клучни работи – прво околу бројот на изборни единици, дали ќе биде една или повеќе, потоа околу изборниот праг, дали да има и колкав да биде и дали листите да бидат отворени или затворени.

– Јас се обидувам колку што може повеќе да го афирмирам начелото на инклузивност, сите засегнати страни да бидат дел од она што се нарекува нов изборен законик. Колку ќе успеам во тоа не зависи само од мене, се знае колкави се ингеренциите на Министерството. Идејата е овој закон, овие правила да бидат за кога и да се во иднина. Да не правиме пропусти или недостатоци, рече Тупанчески.