February 3, 2023 14:44
Македонија

Тунџев: На поголем дел од тарифните ставки им се намалени цените

Ниту цените на катастарските услуги се зголемени до 500 отсто ниту институцијата е пред банкрот, изјави Борис Тунџев, директор на Агенцијата за катастар, а веќе се прави анализа дали има шанси за корекција, штом ќе се „смират“ цените на енергенсите.

Тунџев потенцира дека кај поголем дел од тарифните ставки им се дури и намалени цените, а со направените промени во методологијата сега наместо 5 има само 2 тарифници. Тој објаснува дека промените на ценовникот по пет години се резултат на систематска анализа што ја прави Агенцијата и дополни дека нема поскапување кај услугата за забележување на хипотека.

„Во 2017 Катастар ги намали цените за 30 до 90 проценти. Ако се направат споредби со 2014, поголемиот дел на услугите се на ниво од 2014, односно 2017“, вели Тунџев.

Директорот на АКН информира дека ако до пред неколку години годишните сметки за струја на Агенцијата изнесувале од 8 до 9 милиони денари, сега се зголемени на 39 милиони денари. Трошоците се зголемени и како резултат на пораст на трошоците за одржување на оперативните системи, геодетски и ИТ-софтвери, големиот број лиценци за работа…

– И ние како и другите правни субјекти не останевме имуни на влијанието на порастот на цената на електричната енергија и на другите енергенси на светскиот пазар, што во голема мера го отежнува нормалното работење – рече Тунџев.

Директорот на Катастарот најави и дека се подготвува нов закон, кој следниот месец ќе биде доставен до Министерството за правда и со кој ќе се овозможи еден дел од услугите да бидат бесплатни.

– Правиме селекција за делот на податоците што ќе бидат отворени, односно бесплатни за корисниците на нашите услуги. Сега немаме можност за тоа иако европското законодавство ја препорачува оваа работа – објасни Тунџев, кој во моментот не можеше да прецизира колкав обем од податоците ќе бидат отворени.

Поврзани вести

Тунџев од Катастар: Не постои имотен лист со хациенда во сопственост на Петровска, тоа е голема лага

blink

Тунџев: Катастар беше цел на напади, но базата на податоци е безбедна

admin