February 20, 2020 10:00
Економија

Трипуновски во посета на струмичкиот регион

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска се сретна со земјоделците од село Сарај, Општина Босилово, а ќе ги посети и Ново Село, Струмица и Општина Василево.

Како што соопшти Кабинетот на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, целта е Трипуновски да се запознае со предлозите и забелешките на земјоделците.

– Во моментов се расадува пролетната зелка, меѓутоа она што сакам да го потенцирам е дека во валандовскиот и гевгелскиот регион каде што во моментов се случува откупот на зимската зелка таму речиси откупот да е застант. И цената, онаа минимална цена, по која што се откупува е околу 3 до 4 денари. Со оглед на временските услови може да се дојде во ситуација да се преклопат зимската и пролетната зелка во овој регион што ќе значи практично наплив на количина на оваа култура, а нормално во таква ситуација цената ќе биде можеби многу ниска и практично откупот да биде доведен во знак прашање, изјави Трипуновски.

Тој апелира до ресорното министерство и до Инспекторатот кој е надлежен во овој регион навремено да преземат мерки се со цел, како што рече, да се превенираат вакви несакани ситуации кои ќе значат полоша егзистенција на луѓето од овој крај.

– Како дополнителен заменик-министер и на земјоделците овде, во Сарај, им ветив дека ќе бидам постојано помеѓу нив, дека ќе бидам заштитник на нивните права и интереси и дека тоа ќе го извршувам до крајниот ден, а тоа е 12 април кога ќе се случи промената во Република Македонија. И во оние краеви во кои што бев изминативе денови, Ресен, Прилепско, во делот на кочанското поле, речиси секаде ситуацијата е иста, а тоа е дека имаме неисплатени субвенции, дека имаме партиски притисоци врз земјоделците, кои во сопствените изјави го потврдуваат тоа. Речиси еден игнорантски однос на Министерството и платежната агенција во делот на исплатата на субвенции, кое е едно од најгорливите прашања што земјоделците го потенцираат и нормално си ги очекуваат своите заработени пари во смисла на субвенции и поддршка од програмите кои ги има Министерството, вели Трипуновски.