August 14, 2022 08:08
Македонија

Треска се излеа кај Македонски Брод

Надојдените води на Треска, по вчерашните интензивни врнежи од дожд ,предизвикаа излевање на реката во селата Лисичани, Вранештица и Пласница, а во текот на денот се излеа и кај Македонски Брод од Пешна до село Девич.

– Треска по вчерашните интензивни врнежи од дожд, се излеа од своето корито во текот на попладнето кај Македонски Брод. Поплави поголеми површини ниви и ливади од мотелот Пешна до село Девич, каде се полавени повеќе десетици хектари плодно земјиште, истакна Далибор Мисајлески, жител Македонски Брод и додаде дека поројните дождови тешко го оштетиле патот до Рамне.

Силните врнежи од дожд покрај излевањето на Треска ги оштетија патиштата до повеќе села во Поречијата.

-Патот до село Рамне, кој нема асфалт, од силните буици вода е тешко оштетен и со моторно возило е невозможно да се стаса до селото, додаде Мисајлески.

Во Македонски Брод, Треска порасна до висината на мостот, каде се мери нејзиното ниво.