December 2, 2022 10:08
Македонија

Тренчевска: Соработката со  УНФПА во подготовката на новата стратегија за демографски политики е од големо значење, креираме политики на национално ниво

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со регионалниот советник за економија и демографија од УНФПА од канцеларија во Истанбул и тимот за население и развој од Њујорк, Мајкл Херман, шефицата на канцеларијата во Скопје, Афродита Шаља и дел од тимот на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во земјава.

На средбата се разговараше за подготовката на новата Стратегија за демографски политики на Северна Македонија, која има огромно значење како документ со кој се идентификуваат приоритетните области и насоки за подобрување на постојните демографски трендови преку спроведување на долгорочни политики и подрачја на делување кои директно и индиректно влијаат на демографскиот развој во Република Северна Македонија.

„Во подготовката на стратегијата од големо значење ќе бидат информациите од страна на сите министерства. Затоа што се работи за национална стратегија и сите области се важни. Анализата од пописот на населението и Анализата на кои работи консултант ангажиран од Канцеларијата на УНФПА за да спроведе ревизија на имплементацијата на националната Стратегија за демографски политики 2015-2024 година., во која е вклучено и Одделението за анализа, планирање и развој на демографски политики на министерството, ќе бидат значаен инпут за подготовка на стратегијата. Таа треба да биде усогласена со Националната развојна стратегија и Стратегијата за развој на човечкиот капитал ,” истакна министерката Тренчевска.

Министерката посочи дека крајниот резултат е подготовка на стратегија изградена на реални демографски податоци, како податоци за миграцијата, стареење на населението, наталитетот и која ќе даде висински насоки во градењето на политиките кои се однесуваат на целото население во државата. Политики кои се однесуваат на здравството, образованието, социјалната и детската заштита, социјалните сервиси, вработувањето, родовата еднаквост во сите сфери на општеството.

Финалната верзија на Стратегијата за демографија треба да го помине процесот на усвојување од Владата на Република Северна Македонија со заклучоци и задолженија за сите институции.