February 3, 2023 15:35
Македонија

Тренчевска: Им даваме силна поддршка на жените за нивна поголема интеграција на пазарот на трудот

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска присуствуваше на тркалезната маса организирана од страна на Управата за јавни приходи (УЈП), по повод Денот на даночните работници. На тркалезната маса присуствуваа и сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Георгиеска, амбасадорот на Словенија во земјава Милан Предан, директорката на УЈП, Сања Лукаревска и претставници од другите релевантни институции и приватниот сектор.

– Се гордеам што се зголемува бројот на успешни жени коишто се вклучени во раководењето со компании во реалниот сектор и тоа голем дел од нив на големи успешни компании, кои со својот пример поставуваат нови правила на игра и ги мотивираат и останатите жени на борба, на истрајност и на одлучност во приватниот сектор, рече Тренчевска на почетокот од своето обраќање.

Таа посочи дека видливи се промените кои доаѓаат, подобрената позиција на жените и рамноправноста во сите сфери на живеењето. Исто така министерката додаде дека од особена важност и за Владата на Република Северна Македонија и за Министерството за труд и социјална политика е економското зајакнување на секоја жената.

– За околу две години токму преку мерките од Оперативниот план се вработиле 3370 жени, а со вештини и квалификации барани на пазарот на трудот се стекнале 6035 жени, односно речиси 10.000 жени се вработени или работно- оспособени. Грантовите за самовработување се едни од најатрактивните мерки кои од година во година се повеќе ги користат жените, истакна Тренчевска.

Министерката се осврна и на новиот предлог Закон за работни односи кој е насочен кон подобрување на правата и состојбата на работниците. Таа посочи дека со законот е предвидено воведување на татковство, што претставува нова форма на отсуство која ќе овозможува можност за отсуство и на таткото со цел грижа на детето.

На крајот од своето обраќање Тренчевска посочи дека како и досега Владата ќе продолжи со заложбите за овозможување на поволна бизнис клима особено со акцент на жените.