November 29, 2022 06:01
Македонија

Тренчевска: Задоволните граѓани се потврда за успешноста на заедничките проекти на кои работиме со Светска Банка

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска оствари средба со претставници на Светска Банка, на која беа присутни Сара Кол-Блек, виш специјалист за социјална заштита од Светска Банка, Вашингтон, Бојана Нацева, виш специјалист за образование и Цвета Петрушевска-Јончевска, аналитичар од Канцеларијата на Светска Банка,Скопје, како и претставници на Проектната единица во Скопје.

На денешната средба беа сумирани резултатите од „Проектот за подобрување на социјалните услуги”, кој што се спроведува со поддршка на Светска Банка, како и идните чекори за преостанатиот период до завршување на проектот, јуни  2024 година.

Министерката Тренчевска изрази задоволство од досегашната соработка со претставниците на Светска Банка, нивната експертска поддршка и прогресот на Проектот кој дава видливи и одлични резултати.

„Горди сме на реализацијата на Проектот за подобрување на социјалните услуги. Преку нашите теренски активности, можеме да се увериме на позитивните резултати кој ги дава Компонента 1, „Промовирање на социјалната вклученост преку подобар пристап до парични надоместоци и услуги”. Особено, услугата Помош и нега во домот која нуди двојна придобивка односно ја дава потребната поддршка на оние на кои им е неопходна и тоа во нивниот дом и ги активира тешко вработливите лица од заедницата преку ангажирање како даватели на услугата,” рече Тренчевска.

Министерката го истакна и прогресот на реализација на Компонента 2 од Проектот,  „Проширување на пристапот и подобрување на квалитетот во системот за згрижување и воспитание”, кој покрај изградбата на инклузивни детски градинки, по најсовремени светски стандарди, обезбедува и јакнење на капацитетите на стручниот кадар, а со тоа обезбедува поквалитетно предучилишно воспитание и образование.

Претставниците на Светска Банка изразија големо задоволство од одличната соработка, посветеноста на вклучените лица од Проектната единица, и Министерството за труд и социјална политика и притоа ја истакнаа отвореноста за понатамошна соработка и имплементација на социјалните сервиси на полето на социјална и детска заштита.

Проектот за подобрување на социјалните услуги, ја рефлектира долгорочната определба на Владата на Република Северна Македонија за намалување на сиромаштијата и зајакнување на човечкиот капитал преку подобрување на социјалните услуги. Проектот ќе придонесе кон поголема инклузивност на системот на социјални услуги и придобивки за голем број на граѓани, со посебен фокус на примателите на социјална помош и ранливите групи граѓани и децата на предучилишна возраст.