January 30, 2023 02:28
Македонија

Тренчевска: Вложувањето во младите останува во нашиот фокус, креираме политики и мерки со кои ја зголемуваме младинската вработливост

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска присуствуваше на настан во рамки на европскиот Проект „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес”, во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), а во соработка и со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).

Целта на организирање на денешниот настан беше поттикнување на јавна дебата за тоа дали досегашните мерки за вработување на млади навистина даваат резултати на пазарот на трудот и дали обезбедуваат соодветна поддршка на младите луѓе, особено дали ги адресираат професиите на иднината.

Министерката Тренчевска во своето обраќање истакна дека Владата, преку Министерството за труд и социјална политика има системски пристап во решавањето на предизвиците  со кои се соочуваат младите, преку имплементација на политики за вработување и носење на посебни закони, земајќи ги предвид  промените на пазарот на трудот и иновациите во бизнис секторот и работните места.

„Националната стратегија за вработување 2021 година, Имплементација на активни програми за вработување, Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, Гаранција за млади, Законот за практиканство, Закон за младински додаток и Закон за младинско учество и младински политики, се дел од политиките кои се наменети за поддршка на вработување на младите,” истакна Тренчевска.

Таа посочи дека, Националната стратегија за вработување 2021-2027 година ги зема предвид случувањата во економијата и на пазарот на трудот со кои Северна Македонија се соочуваше во последните две децении за да се идентификуваат структурните предизвици што треба да се решат.

„Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување се изготвува на годишно ниво. Во 2021 година, вкупниот опфат на лица со програмите/мерките за вработување од Оперативниот план за вработување изнесуваше 11.933 невработени лица. Согласно планот за 2022 година планиран е опфат на  вкупно 14.685 невработени лица од кои предвидено е минимум 30% да бидат млади лица до 29 години,” истакна министерката.

Таа потенцираше дека, Република Северна Македонија е прва земја од земјите на Западен Балкан кои ја воведоа и применија Гаранцијата за млади. Во 2021 година од вкупниот број на лица кои влегле во процесот на Гаранција за млади (19.322), 8064 млади лица до 29 години или 41% се вработиле или се стекнале со вештини со кои ја подобриле нивната вработливост и станале конкурентки на пазарот на трудот. Процентот на успешност од 41% е далеку од предвидениот од 30%.

„И во 2022 година се продолжи со имплементацијата на Планот за Гаранција за млади. Фактот дека заклучно со прва половина на јули 2022 година од вкупниот број на лица кои влегле во процесот на Гаранција за млади (8840) млади лица до 29 години 3754 лица или 42% се вработиле односно се вклучиле во некоја од мерките за вработување, покажува дека годинава ќе го надминеме минатогодишниот процент, што не прави особено горди на одлуката за воведувањето на Гаранцијата за млади,” информираше Тренчевска.

Министерката зборуваше и за Законот за практикантство кој ни дава уште една законска рамка за подобрување на вработливоста на младите луѓе преку стекнување на практично и професионално искуство. За обуките за напредни ИТ вештини преку Опертивниот план, со кои младите стануваат поконкурентни на пазарот на труд.

„Успешноста на младинските политики на оваа Влада ја потврдува фактот дека младинската невработеност, која во 2015 година била 43,2 проценти, бележи тренд на опаѓање, па така во вториот квартал на 2021 година таа е  28,3 проценти, и повторно пад на 24.3 проценти  во вториот квартал 2022 година,” потенцираше Тренчевска.

На настанот присуствуваа високи претставници на јавните институции, претставници на бизнис секторот и младите луѓе, граѓански организации, како и други заинтересирани релевантни чинители.