October 31, 2020 16:24
Свет

Трамп ги обвини демократите дека ја критикуваат вакцината за коронавирус за политички цели

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата вечерта рече дека неговите демократски противници ја критикуваат брзата временска рамка за потенцијална вакцина за коронавирус во САД како политички потег за да му наштетат пред изборите, пренесува „Њујорк пост“.

„Тие сакаат да ја оцрнат вакцината. Ова почна пред околу три недели откако слушнаа дека ќе ја направиме оваа вакцина за рекордно време“, рече Трамп во интервјуто за „Фокс њуз“, емитувано во неделата вечер, објаснувајќи ја реакцијата на демократите и на некои медиуми за идната вакцината.

Трамп рече дека демократите тврдат оти вакцината „излегува прерано“ и ја доведуваат во прашање нејзината безбедност едноставно затоа што се плашат дека претседателот ќе добие поени пред изборите.

Тој посочи дека под различна администрација, за вакцината против коронавирусот би се чекало до три години поради процедурата на ФДА. Но, Трамп ја пофали неговата администрација дека помогнала да се постигне рекордно време во развојот на вакцината.

„Јас целосно ја сменив процедурата на ФДА. Иста безбедност, но брзината е од поинаков свет“, рече тој.

Трамп додаде дека вакцината за коронавирус е при крај и дека очекува до април земјата да има достапни дози за секој Американец.