April 6, 2020 03:56
Свет

Трамп: Армијата да го казни Виндман

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека армијата треба да размисли за тоа дисциплински да го казни службеникот на Советот за национална безбедност, Александар Виндман, кој сведочеше против него, во процесот за импичмент.

Потполковникот Виндман минатата недела беше сменет, откако во сведочењето ги изнесе најсериозните обвинувања против Трамп.

Виндман, поранешен главен експерт за Украина кој во јули лично го слушал телефонскиот разговор на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во ноември сведочеше дека Трамп му упатил недолично барање на Зеленски.

Виндман пред Одборот на Претставничкиот дом, во кој доминираат демократите, рече дека не можел „да им верува на сопствените уши”.

– Трамп побара од Зеленски да покрене истраги против неговиот демократски ривал Џо Бајден, рече Виндман.

Во истото сведочење тој рече дека не е загрижен што ќе сноси последици затоа што сведочи.

– Ќе бидам во ред, затоа што ја кажав вистината”, рече тој.

Покрај Виндман, поради сведочење во процесот за импичмент беше разрешен и амбасадорот на САД во Европската унија Гордон Сонленд.