December 7, 2022 21:47
Свет

Токио бара извинување од Москва за апсењето на јапонскиот конзул

Јапонското Министерство за надворешни работи достави протестна нота до рускиот амбасадор во Токио, Михаил Галузин, поради приведувањето на јапонскиот конзул во Владивосток.

Јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши изјави дека Русија прекршила Виенската конвенција и дека приведувањето на Мотоки Татсунора е „целосно неприфатлив” потег на Москва, пренесува јапонската новинска агенција „Кјодо”. Министерот додава дека Токио бара извинување бидејќи приведениот дипломат никогаш не бил вклучен во незаконски активности.

Според руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), конзулот бил фатен на далечниот исток на земјата како прибира доверливи информации за ефектите од западните санкции врз руската економија.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека приведениот јапонски дипломат е прогласен за „персона нон грата” и му е наредено во рок од 48 часа да ја напушти територијата на Руската Федерација.