December 2, 2022 09:32
Општини

Тозиевски: За 100 дена Ресен стана отворена општина за граѓаните, асфалтирани 10-тина локални патишта и улици во вредност од 4.829.000 денари, и одобрени средства за две нови детски игралишта во износ од 900.000 денари

„Со укажаната доверба од граѓаните на општина Ресен, за позицијата градоначалник, ми беше укажана голема чест, но ми беше дадена и голема одговорност. По анализирањето на состојбата во општината, наидов на многу проблеми, но и предизвик истите да бидат решени. Затекната финансиска состојба во општината беше 676.013,00 денари и долг од 54.133.309,00 денари”, истакна градоначалникот на општина Ресен, Јован Тозиевски на денешниот регионален отчет насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тозиевски додаде дека Буџетот за општина Ресен за 2022 година е во износ од 322.045.286,00 денари. Ресен стана општина отворена и достапна за сите граѓани и нивните проблеми.

„Во текот на изминатите 100 дена реализирани се следните активности и проекти: Асфалтирани се 10-тина локални патишта и улици во вредност од 4.829.000 денари. Отпочната е постапка за асфалтирање и изградба на фекална канализација на две улици со должина од 2.392 метри и вредност од 47.005.557,00 денари. Во тек е изработка на документација за реконструкција на 3 патни правци кон селата Горно Дупени, Болно и Перово. Издадено е одобрение за градба и веќе е потпишан анекс договорот за фекална канализација со прочистителна станица во Перово, во вредност од 410.000 евра. Одобрени се средства од Пелагонискиот плански регион за изградба на две детски игралишта во вредност од 900.000 денари. Започнат е процесот на избирање на најдобар изведувач на проектот „Патот на Светите води”, кој ги поврзува манастирите во подножјето на Пелистер, од Преспанскиот крст до Долно Дупени”, рече Тозиевски.

Тозиевски посочи дека откако тој стана градоначалник еднократната помош за првороденчиња е зголемена од 5.000 на 7.000 денари. Исплатени се повеќе од 30-тина барања за еднократна помош на социјално ранливи категории на граѓани. Извршена е реконструкција на потпорни столбови на старскиот дом, каде живеат социјално ранливи категории.

„Изградена е фотоволтаична станица за производство на електрична енергија за потребите на општината и во тек е набавка на две електрични возила. Почната е постапката за проектот ЕУ за Преспа, кој предвидува изградба на системи за собирање и третман на отпадни води во повеќе села и набавка на соодветна опрема за подигнување на капацитетите за управување со комунален отпад”, појасни Тозиевски.

Тозиевски укажа дека по истекот на овие 100 дена може да потврди дека со домаќинско, чесно и транспарентно работење, ќе се отворат нови перспективи за Ресен и Преспа, се со цел успешен развој на нашата општина.