December 4, 2022 20:12
Балкан

Тензиите на Косово наметнати со автомобилските таблички смирени

По повеќечасовни преговори во Брисел, постигнат е договор меѓу Белград и Приштина за проблемот со автомобилските таблички кои ја доведоа ситуацијата до ескалација, па интензивно во смирување на атмосферата се вклучија ЕУ и САД. Договорено е Белград да престане да издава регистарски таблички со имињата на градовите на Косово и Метохија, а Приштина да ги прекине понатамошните активности поврзани со пререгистрацијата на возилата, соопшти Жозеп Борел високиот претставник за надворешна политика на ЕУ по сотанокот. Директорот на Канцеларијата за КиМ, Петар Петковиќ оцени дека мирот е зачуван бидејќи табличките на КМ остануваат.

Со ова е исполнето првото од двете барања на Србите кои ги напуштија косовските институции на почетокот од ноември кога Приштина почна со предупредувањата за замена на табличките. Второто барање на Србите за да се вратат назад во институциите на Косово се однесува за отпочнување со формирање Заедница на српски општини.

Главниот преговарач на делегацијата од Приштина, Бесник Бисљими изјави дека сега интензивно треба да се разговара за предлогот на ЕУ, попознат во јавноста како француско-германски предлог. По разговорите во Брисел, Бисљими потврди дека претставниците на ЕУ многу брзо ќе ги поканат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти да започнат интензивни разговори.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, по постигнатиот договор му се заблагодари на американскиот амбасадор во Приштина, на американската влада за, како што наведе, активното вклучување во постигнувањето на договорот во Брисел.

Во име на опозицијата на Косово свој став даде и поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај, кој претходните денови го критикуваше Курти за одлуките за регистарски таблички, бидејќи не ги почитувале предлозите на САД и Европа за одложување на пререгистрацијата. Харадинај сега вели дека го поздравува договорот и дека „време е да се склучи договор за признавање со американското раководство“.

Аналитичарите сметаат дека овој договор ги спласнал тензииите и опсаноста од нови судири, но целосно не го решил проблемот кој го имаат Србија и Косово.