August 10, 2020 12:58
Македонија

Тачи: Се надевам дека Заев ќе го одржи зборот и нема да ја зема ДУИ во Влада

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, неколку пати низ кампањата напомена дека ДУИ ќе оди во опозиција, и тоа е „здраво“, и дека неговата партија нема да прави коалиција со ДУИ. Ова го коментираше лидерот на ДПА Мендух Тачи, кој рече дека се надева дека Заев ќе стои на зборот, и нема да прави коалиција со ДУИ.

-Јас се надевам дека г. Зоран Заев ќе го одржи зборот, нема да ја зема ДУИ во Влада. Мојот услов за кој не се преговара по овие избори е ДУИ. Сите други политички сили… нормално е на нас ќе ни диктираат бројките и математиките за можноста за заедничко делување. Дефинитивно, јас освен мојот дел што ми припаѓа и на мојата партија, не планирам да му се мешам на следниот мандатар за тоа со кого ќе коалицира или не“, рече Тачи.

Мендух Тачи, лидерот на ДПА рече дека вокабуларот кој го користи претседателот на ДУИ Али Ахмети, води кон конфликт. Тој смета дека ова се последните моменти на Ахмети.

-Начинот на кој зборува Али Ахмети води кон конфликт.Почитувани граѓани, Албанци, Македонци и припадници на сите останати заедници, ова се последните моменти на Али Ахмети. Ако јас станам вицепремиер нема конфликт, нема војна… еднаш го одигра тој филм во 2001-та каде ни загинаа многу момци, а денеска сака да ја повтори истата закана. Ова е само следна негова игра. Али Ахмети сѐ уште не даде отчет за 227 убиени Албанци во мојот град, Тетово во времето кога тој дојде во Тетово. Сѐ уште не го стори тоа. Од овие 227 случаи не знам ниту дали 5% од нив се разјаснети. Али Ахмети допрва треба да даде сметка за криминализирање на животот на Албанците. Али Ахмети треба да даде сметка за 10-годишна загуба на албанската политика во коалиција со Груевски, па дури потоа, откако ќе влезе во вистинското „чистилиште“ на правдата или пеколот низ кој поминав јас со истраги две години и судски процес, можеме да зборуваме за други прашања. Али Ахмети е лоша политичка фигура за Албанците. За мене е недопустливо да ги ставам на иста линија г.Заев и г.Ахмети, или г.Мицкоски со г.Ахмети. Господинот Ахмети е срамно и криминално минато за оваа држава и за Албанците- изјави Тачи.