November 14, 2019 00:22
Македонија Општини

Таравари: Соработката со централната власт е очајна и е под перманентен притисок

Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар за 24 инфо вели дека за две години успеале да направат многу од ветеното. Фудбалски терени, асфалтирани улици, паркови ново зеленило, детски градинки се само дел од сработеното. Ако треба да ја оценува соработка со центраната власт со оценка од 1 до 10 вели дека е на ниво 2. За приватен живот вели дека има многу малку време. Еден ден неделно продолжува да работи со неговите пациенти на  Клиниката за неврофизиологија во Скопје.

Две години откако сте на функцијата градоначалник. Што беше планирано за овој период, а што е остварено?

-Ќе зборувам низ факти. За речиси две години, успеваме да направиме: 17 км канализации (во 5 села нови канализациони мрежи), речиси 10 км асфалтирани улици, 4 нови детски градинки, 3 нови, современи,фудбалски терени, 6 детски агли (игралишта), околу 2 км нова водоводна мрежа, ново ЛЕД – осветлување во повеќе населби и села, центар и третман за бездомни кучиња, инвестиции во паркови и зеленило, повеќе исчистени диви депонии, канцеларија за иселеници, инвестиции во уредување училишни дворови. Потоа, почнавме со делумна примарна селекција на отпадот (во училиштата), отплатени се 2 милиони евра општински долг, зголемени се платите на вработените во Комунална хигиена и Паркови и Зеленило од 25-75%, реновирање на постоечките детски градинки, реновирање на инфраструктурата на одредени училишта, транспарентно и отчетно работење.

Каква е соработката со централната власт?

-За жал, соработката со централната власт е очајна и е под перманентен притисок. Доколку треба да ја оценам од 1 до 10, таа би била 2. Или поконкретно, два падати  бесправно одземени ингеренции во образованието. Речиси никакви инвестиции од страна на Владата. Единствена светла точка во соработката со Владата е онаа со Министерството за труд и социјална политика, каде што имаме многу коректни релации. Без разлика на сѐ, сепак се надевам дека ќе има подобрување во соработката со централната власт.

Колку новите обврски ви оставаат простор за приватниот живот?

-За жал, многу малку време преостанува за приватниот живот. Работната динамика честопати подразбира работа и за викенд, заради средби со граѓаните. Сепак, нивните потреби и очекувања од нашата работа се клучни. Еден ден неделно продолжувам да работам со моите пациенти на  Клиниката за неврофизиологија во Скопје.

Што им ветувате на граѓаните за следниот период и дали ќе се кандидирате на следните избори?

-Имаме уште многу проекти кои се веќе готови и треба да почнеме со нивна реализација. Се надевам дека голем број од ветените проекти ќе ги реализираме во текот на следните две години. За тоа дали ќе се кандидирам, ќе одлучиме заедно со мојот тим и граѓаните, а многу ќе зависи и од исходот на парламентарните избори кои ќе се одржат идната година.

Валентина Ангеловска

Фото: Слободан Ѓуриќ

 

Нови вести

Мицкоски се сретна со претставници на ММФ

Filip

Спасовски: Службата за разузнавање беше кревка, затоа ја реформиравме

Filip

Мицкоски се сретна со Хајко Мас

Filip