October 27, 2020 09:48
Свет

Суспендиран телохранител на британски министер затоа што оставил наполнет пиштол во авион

Телохранител кој патувал со британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб бил суспендиран од должност затоа што наводно оставил наполнет пиштол во авионот.

Медиумите јавуваат дека полициски телохранител кој патувал со Доминик Раб да ги посети САД оставил пиштол во авион на лондонскиот аеродром Хитроу вчера, а го пронашла чистачка.

Лондонската полиција соопшти дека биле свесни за „инцидентот на летот во Велика Британија“ и „дека го сфатиле многу сериозно“.

„Полицискиот службеник вклучен во инцидентот беше отстранет од оперативните должности за време на внатрешната истрага“, се вели во соопштението на полициската администрација.

Сличен инцидент се случи во февруари кога телохранителот на поранешниот премиер Дејвид Камерон остави пиштол во тоалетот на летот на „Бритиш ервејс“.

Пиштолот, наводно, го пронашол патник и го предал на стјуардесите.

Раб го посети Вашингтон оваа недела за да разговара со американскиот државен секретар Мајк Помпео и други официјални лица за Брегзит.