December 9, 2022 13:13
Uncategorized

Судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот продолжува на 17 октомври

Судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот продолжува на 17 октомври откако денеска во Основниот Кривичен суд Скопје продолжи доказната постапка за случајот во кој ракометарот беше претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје.

На денешното рочиште сведочеа две вешти лица од Судската медицина. Вештото лице Ана Ивчева рече дека настанатите повреди се механички повреди и се настанати со дејство на тапо-тврда сила во конкретните регии, а како причина за смртта на сега покојниот Денис Тот таа го посочи нагмечувањето на рбетниот и големиот мозок.

Вештото лице од областа на психијатријата, Александар Марцикиќ, се изјасни за здравствената состојба на обвинетите која ја констатирал на 28 април 2022 година, кога го извршил прегледот. Тој посочи дека обвинетите се психички здрави индивидуи со уредна интелигенција.

Прашан дали обвинетите при прегледот биле агресивни, насилни или во состојба да ја искривуваат вистината, тој одговори дека при прегледот, ниту еден од обвинетите не манифестирал какви било знаци на пасивна или активна агресивност.

На прашањето дали тројцата обвинети во моментот на извршувањето на кривичното дело можеле да го сфатат значењето на делото и дали истите можеле да управуваат со своите постапки, вештакот рече дека секој од обвинетите во време на настанот бил со запазено психичко здравје, така што, како што посочи, можеле да ги разберат своите постапки, да ги претпостават последиците од истите и да раководат со истите.

Одбраната во своите воведни зборови кажа дека не смета дека правната квалификација за кривичното дело „убиство” кое им се става на товар на обвинетите за смртта на хрватскиот ракометар е одржлива и дека ќе докажува дека не постои умисла за истото.

Обвинителството, пак, на првото рочиште истакна дека располага со две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, а пред сѐ, поединечно, дејствијата на секој од обвинетите кои ги презеле тој ден.

Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.

Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство” од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.