October 30, 2020 17:57
Свет

Судан го исклучи интернетот во земјата поради приемните испити на студентите

Повеќе од 500.000 матуранти наскоро ќе полагаат приемни испити за запишување факултет во Судан, поради што државата секој ден по три часа го исклучува интернетот во земјата.

Судан има долга практика во ова. Интернетот бил исклучуван за време на протести со цел да се наруши координацијата на демонстрантите, но оваа година исклучувањето на интернетот се користи како мерка за спречување на „мамење на големи размери“ на приемните испити на факултетите.

Во средата, во 8 часот наутро, жителите на Судан сфатија дека и покрај тоа што навреме ги платија сметките, интернетот на нивниот мобилен телефон не работи. Откако добија илјадници поплаки, операторите објавија дека владата наложила секојдневно прекинување на мобилниот интернет до 24 септември, како начин да ги одврати кандидатите од измама на испитите.

Агенцијата ЕФЕ потсетува дека суданските власти донеле контроверзна мерка со цел да спречат големи измами што се случија пред три години, кога се појавија испитни прашања на Интернет, а Министерството за образование мораше да организира уште еден испит. Секој ден, до 24 септември, Суданците не можат да користат мобилен интернет од 8 до 11 часот.