October 21, 2020 15:07
Спорт

Суарез: Го проголтав тоа што се случи

Уругвајскиот фудбалски интеранционалец Луис Суарез емотивно се прости од Барселона, но реши да не ја отвора темата зошто заминува. Тој се покажа како несакан од новиот тренер Роналд Куман и беше принуден да замине во Атлетико Мадрид, и покрај фактот дека сакаше да остане на „Камп Ноу”. Искусниот 33-годишен напаѓач одлучи да не прави скандали за време на денешната прес-конференција и не се пожали на ништо. Тој дури се присети како „блаугранас” го привлекоа пред шест години по грдиот инцидент од СП 2014, кога го гризна Италијанецот Џорџо Киелини. За инцидентот, Лучо тогаш беше казнет затоа што не играше неколку месеци, но Барса не ја изгуби довербата во него. Суарез потоа се врати со многу голови и 13 трофеи.

– Јас веќе го проголтав тоа што се случи. Подготвен сум за нова фаза во мојата кариера и само сакам да и се заблагодарам на Барса. Јас сум многу горд на постигнатото тука. Сепак, не сум подготвил ништо за денес. Можам само да му се заблагодарам на клубот што ми веруваше во 2014 година по грешката што ја направив. Не беше лесно за клубот, но тука ме примија добро и ме третираа така. Го живеев сонот да играм во најдобриот тим и затоа е тешко сега да си заминам. Им благодарам на сите навивачи кои ме поддржаа. Моето семејство знае низ што сум поминал. Моите деца ме видоа да постигнувам голови покрај најдобрите во историјата на фудбалот. Сите Каталонци нека знаат дека во моето лице имаат уште еден „кулес”. Оставам многу пријатели. Денес не заминува само фудбалер, туку и човечко суштество со чувства. Сфаќам дека на крајот на сето ова треба да бидам горд, изјави Суарез низ солзи.

Уругваецот е играч на Атлетико веќе неколку часа, откако потпиша како слободен играч. Сепак, Барса може да добие бонуси до 6 милиони евра според различни клаузули.

Суарез го коментираше и обидот на Лионел Меси да си замине.

– Беше луд месец. Многу приказни беа измислени, во медиумите протекоа информации што не беа точни. Кога дојдов во клубот, ми рекоа дека Лео го сака најдоброто за себе. Но, вистината се покажа поинаква. И двајцата дадовме се од себе да му помогнеме на клубот. Секој ја знае врската помеѓу нас двајца, заврши напаѓачот.