December 10, 2022 00:39
Македонија

Струмичкото комунално претпријатие набави две нови возила-метларки за собирање смет по улиците

Струмичкото комунално претпријатие со поддршка на Советот на Општината набави две нови автоматизирани возила-метларки за собирање отпад по улиците.

Едното возило е на електричен погон, а другото на дизел и според директорот на ЈПКД „Комуналец”, Зоран Горгиев, двете возила ќе им бидат од огромна помош за современо собирање на сметот и одржување на јавната чистота.

-Се работи за најсовремени машини кои можат многу лесно и брзо да го соберат јавниот отпад. Тие се динамични и подвижни и се со одличен капацитет. Во овој момент најмногу ни требат, бидејќи имаме недостиг од работна сила, која со овие машини ќе ја замениме, но и со современиот начин на живеење и за еден европски град каков што е Струмица, неопходна е таква опрема, рече Горгиев.

Возилата се набавени преку јавен повик, а се плаќаат преку финансиски лизинг со што според него нема да предизвикуваат тешкотии во финансиската консолидација на претпријатието, бидејќи ќе се отплаќаат на повеќе години и рати.

На промоцијата на двете возила присуствуваше и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој возеше едно од нив.

Според него, покрај осовременувањето на возниот парк на комуналното претпријатие се вршат и големи заштедувања и затоа набавката на такви возила е повеќе од оправдана.