April 20, 2021 18:56
Свет

Странските новинари известуваат за рапиден пад на медиумските слободи во Кина

Во 2020 година Кина ги искористила мерките против коронавирусот како заплашување и визни препреки со цел да го ограничи известувањето на странски новинари, што резултираше со „рапиден пад на медиумските слободи”, соопшти денеска Клубот на странски дописници од Кина (ФЦЦЦ).

Според годишниот извештај на ФЦЦЦ, составен врз основа на изјави на 150 странски дописници и шефови на странски редакции, трета година по ред, ниту еден новинар на асоцијацијата не пријавил подобрување на условите за работа.

– Сите гранки на државната власт, вклучително и системите за надзор воведени за борба против коронавирусот, беа користени за малтретирање и заплашување на новинарите, нивните кинески колеги и оние кои странските новинари сакаа да ги интервјуираат, се вели во извештајот.

Властите одбивањето на пристап на новинарите до чувствителните области го образложуваа со загриженоста за јавното здравје и се заканувале со принуден карантин и ограничување на визите.

Најмалку 16 новинари добиле акредитации на шест месеци или помалку, наведува ФЦЦЦ додавајќи дека тие обично се доделуваат на една година и потоа се обновуваат.

Кина минатата година протера десетина странски новинари и медиуми.

Вашингтон исто така го намали бројот на новинари кои можат да работат во САД на четири големи државни кинески медиуми.

Во септември 2020 година, Австралија ги повлече своите двајца дописници од Кина откако беа испрашувани од Министерството за државна безбедност.

На удар на властите најмногу беа новинарите кои известуваа од далечната западна провинција Синџијанг за кршењето на човековите права.

Кина минатата година уапси двајца новинари под обвинение за загрозување на националната безбедност. Се работи за Ченг Леи, австралиски државјанин кој работи за кинеските државни медиуми и Хазе Фан, кинески државјанин кој работи за Блумберг њуз.

Двајцата сè уште се во притвор.