August 2, 2021 12:48
Македонија

Стојчевски: Новинарот не ја бира професијата, туку таа го бира него

За новинарите велат дека не се обични луѓе и дека кога еднаш ќе решат да ја работат оваа професија цел век остануваат во неа. Тодор Стојчевски сопственик на Чептер 4 ДОО Скопје за 24 инфо вели дека и тој е еден од новинарите кои се „поклонуваат“ на реченицата „еднаш новинар, цел живот новинар“. Според него тоа е професија која го „заразува“ носителот и многу е тешко, речиси и невозможно, да се ослободите од овој „вирус“.

Многу ретко луѓето кои работеле како новинари се откажуваат од професијата. Практично и јас не се откажав од новинарството. Затоа што тоа е нишката која ја одбележува целокупната моја кариера, како една лакмусова хартија која ги впива сите збиднувања по професионалната линија на мојот развој. Дипломирав новинарство на Правниот факултет. Магистрирав на Институтот за мир и развој на Филозофскиот факултет, со анализа на тоа како медиумите ги следат акциите за разоружување на населението веднаш по конфликтот. Сега сум на докторски студии на Факултет за медиуми во Љубљана каде работам на нов теоретски модел за обликување на јавноста во Југоисточна Европа. Значи, иако работам и сум сопственик на агенција за односи со јавноста, сепак голем дел од работата и мојот животот е фокусиран кон новинарите, кон медиумите.

 

Има ли допирни точки меѓу новинарството и работењето во пр агенција?

Секако. Милувам да кажам дека целиот живот менаџирам информации. Работам и заработувам со нивна обработка и пласирање. Го сакам пишаниот збор, иако се повеќе се прилагодувам и на новите начини на комуникација, кои се базираат на фотографија или видео формат. За мене, а верувам и за голем дел од мојата генерација, ништо не може да го замени убавиот пишан или кажан збор. Ме радува што и социјалните медиуми, иако се базираат на фотографија или видео, се придружени со кратки и суштински, сублимирани, реченици. Тоа е вештина која ја практикуваме во новинарството – да кажете повеќе со помалку зборови.

Како и во секоја агенција за односи со јавноста, нашата работа во Чептер 4 е спој на алатки и вештини кои имаат единствена крајна цел – да ја пренесат клучната информација до целната група. Доколку одредена информација ја пласирате на вистинскиот начин, преку вистинските канали за комуникација и до вистинската публика, тогаш сте ја исполниле функцијата на агенцијата. Исто како што тоа го правевме со пишување и пласман на информации до јавноста во новинарството.

Во агенцијата работам речиси се, но најмногу се чувствувам „свој на своето“ кога соработувам со новинарите. Ние сме во функција на клиентот и на медиумите во сегментот на јавниот интерес и кога тој ќе се поклопи, имаме одлична фузија.

Што е потешко да се работи?

Се што се работи со љубов, не е тешко. Кога работев во новинарство, некаде до 2011 година, владееја други правила на пласирање на информациите, во смисла на развој на технологија. Паметам и времиња кога одевме на терен во друг град и моравме да најдеме обичен телефон за да се јавиме во редакција, каде не чекаше дактилографка, која го пишуваше сето она што ние ќе го пренесевме од терен. И тоа мораше да го правиме до одреден час во денот за веќе утредента информацијата да излезе во весник. Но и тоа имаше своја убавина и одредена тешкотија. Или кога ќе се соберевме по 20-тина колеги новинари на одреден настан, кога чекавме изјави и по неколку часа и на крај, кога ќе отидевме во редакција секој од нас имаше сопствена приказна за истото случување, затоа што го обработувавме од различен аспект.

И во односите со јавноста, иако за некои е тешка професија, има многу убави моменти и активности. Навистина ја сакам оваа професија, затоа што се базира на комуникација, на размена на идеи, на запознавање нови луѓе, професионалци, клиенти… Микс од различни личности, различни теми, разни брендови, приказни, содржини и убедувања. Новинарството помага на односите со јавноста, односно односите со јавноста и помагаат на медиумите во исполнување на нивната функција како професија.

Ви недостига ли новинарството?

На моменти ми недостига класичната редакција, отворениот „океан“ систем, кога сите работеа на својата приказна за на крај да „навезат“ еден весник. Во весникот се боревме за простор на кој ќе се објави мојата приказна затоа што не може се што ќе се напише и да се објави. И затоа имаше квалитет, интерна битка на квалитетни информации. Имаше уредници кои читаа и оценуваа текстови на професионални новинари. Имаше и лектори кои беа задолжени за почитување на македонскиот јазик. Денес, благодарение на технологијата, не постои ограничен простор за пласман, но во морето почна да се губи квалитетот на пласирани информации. Жалам што технологијата, полека но сигурно, го убива она новинарство што јас го познавам и новинарот како професионалец, кој работи во конкретна професија. Од друга страна, благодарение на технологијата, секој станува новинар, затоа што токму во мигот додека се случува настанот, ја известува јавноста. И со тон и со слика и со текст. Додека да се појават професионалните новинари, благодарение на новинарите – аматери, најчесто настанот од реалниот живот веќе е во етерот. Но, не се може без оваа професија, без стандардите, без правилата, без критериумите, без професионалноста во комуникацијата.

По една интересна случка која би можеле да ја одвоите од двете професии?

Кога човек говори за тоа што се сеќава, значи дека „набилдал“ многу години. Мислам на искуство. Кога работев како новинар, некаде на почетокот на овој милениум, одевме на конференција за печат во Сојузот на синдикати на Македонија. Група од дваесетина новинари. И додека се упатуваме кон зградата, од внатре стоеја две дами – вработени во Сојузот и нешто разговараа. Подоцна дознавме дека една колешка и рекла на другата „леле, колку луѓе доаѓаат“. Оваа, спонтано и реплицирала „абе, не се тоа луѓе, новинари се“. И токму ова ја покажува посебноста на професијата. Или лична случка како новинар – тогаш работевме со диктафони на батерии и со мали касети. Бев да снимам интервју со познат политички лик за насловна страница на дневниот весник каде што работев. Разговорот траеше околу два часа. Но, благодарение на технологијата, ништо не се имаше снимено на диктафонот или практично, немав интервју, односно немавме насловна страница, немаше весник со ексклузивна информација. Среќа што на разговорот присуствуваше уште едно лице – вработено кај тој политичар и кое, откако љубезно го замолив и му раскажав што се случило, излезе во пресрет и по сеќавање, заеднички, ги одговоривме прашањата. Политичарот го авторизираше материјалот и дојдов до интервју и до насловна страница. Од тогаш, луѓето што ме знаат и денес, знаат дека се што треба да меморирам, всушност го запишувам на хартија, не на носач на материјал. Има уште многу случки во новинарството, но еве една интересна лична ситуација во односите со јавноста. Имено, работам со еден клиент долго време и секако, имам многу информации за неговиот бизнис, конкуренција, слаби и силни страни. На еден состанок, тој извади парче хартија и ме замоли да потпишам. И тогаш ми рече „потпиши го овој договор и ќе ти кажам бизнис информација што во земјава ќе ја знаеме јас и ти и уште две лица во Европа. Доколку информацијата излезе во јавност, тогаш ја кажал еден од нас четворица а тоа сериозно ќе го афектира нашиот бизнис на светско ниво“. Знаете ли колку тешко новинар да живее со тајни, со информација која не смее да ја сподели со никој, ниту со најблиските, ниту со колегите, ниту со новинарите. Ех, ама човек се навикнува на се. Секако, информацијата уште ја знаеме само ние четворица, од кои јас не ги познавам другите двајца Европјани што ја знаат.

Да сте на почеток и да бирате кариера дали би го одбрале истиот пат?

Се разбира. Верувам и сум поборник на тезата дека, всушност, професијата не бира нас. Ме изненадува реакцијата на луѓето кога се запознавам со нив и кога ќе кажам дека сум новинар по професија, кој работи во односите со јавноста. Најчесто, нивната реакција е „да, навистина, ги имате сите карактеристики на еден новинар“. Честопати се шегувам, се разбира, на моја сметка дека најверојатно главата почнала да ми наликува на весник и затоа, многу лесно луѓето ја дефинираат мојата професионална определба.

Што е следно, можно ли е враќање на примарната професија?

Моментално сум фокусиран на Агенцијата за односи со јавност Чептер 4, каде што работам. Како меѓународна агенција соработуваме со разни клиенти на домашно, регионално и светско ниво. Многу динамично, многу интересно, многу предизвикувачки. Следното скалило, на кое се уште работам, во професионална смисла, е да го завршам докторатот. Имам желба, откако ќе докторирам, да бидам професор на факултет во делот на новинарството или односите со јавноста и да го пренесам моето теоретско и практично знаење од областа на комуникациите. Практично, не верувам дека ќе се вратам на корените – на практикување на новинарството, кое за среќа е жива професија, која се менува, прилагодува и реформира. Секогаш мојата професионална определба ќе биде поврзана со пишување, творење, креирање, создавање, менаџирање со информации и пред се, квалитетно комуницирање на сите нивоа.

Луѓето не даваат важност на комуникацијата затоа што тоа за нив е вродено и мислат дека знаат да комуницираат. Но, доколку анализирате од научен аспект, ќе сфатите дека, за жал, речиси сите проблеми во еден систем се појавуваат заради недостатокот на комуникација или заради неквалитетна, погрешна или лоша комуникација. Така е и во секојдневниот живот – се е комуникација. Сите сме сведоци дека за време на пандемијата, речиси се застана, освен комуницирањето. Наоѓавме разни начини за комуникација со блиските, со пријателите, со познаниците, со соседите. Сетете се на тој период и ќе сфатите дека најголема казна за еден човек е да му забраниш да комуницира, односно да го екс-комуницираш од правото на социјализација.

Валентина Ангеловска

 

 

Поврзани вести

Нови 72 случаи на Ковид, нема починати

Igor

(Фото) Заев, Вучиќ и Рама од Економскиот форум: Започнува нова ера на соработката за интегриран и поврзан регион како европска вредност

Igor

На Камчев му се споиле притисоците, а во „Шутка“ го лекуваат со сол и газирана вода

Igor

Website https://animeheaven.pro: Watch SoulTaker animeheaven Episode 13 dragon ball super anime heaven

Website https://animedao.nl: Watch Ultramaniac - Magical Girl (Dub) animedao Episode 26 animedao bleach

4Anime: Yatogame-chan Kansatsu Nikki anime episode 12 online free at https://4anime.biz 4anime my hero academia

Experiment: https://experiment.com/users/gogoanimelol

Forum feed-the-beast: https://forum.feed-the-beast.com/members/animefreakws.488024/#about

Blip: https://blip.fm/animefreakws