October 17, 2019 07:15
Македонија Општини

Стојановски: Скоро и да нема невработен човек во Илинден, невработеноста намалена од 38 на 3 отсто

Жика Стојановски го одработува четвртиот мандат како прв човек на општина Илинден. Може да се пофали со многу капитални објекти и инвестиции како домашни така и странски. Невработеноста во општината додека е тој на чело е намалане од 38 на 3 отсто. За 24 инфо вели дека работата како градоначалник бара многу самооткажувања, така што многу тешко може да се раздели приватниот живот од работата.

Две години откако сте на функцијата градоначалник. Што беше планирано за овој период, а што е остварено?

За периодот од двете години од мојот четврти мандат, планирани се и се работи на проекти кои директно влијаат на подобрување на условите и квалитетот на живеење и работење, преку:

-Подобрување на патната инфраструктура, со изградба, реконструкција, санација и рехабилитација на локални улици и патишта – во овој период изработена е локална патна инфраструктура во должина од 12 километри;

-Подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и локалните економски зони – во овој период се работеше на изградба на транспортна, комунална, енергетска и гасификациска инфраструктура;

-Изградба на фекална канализација и пречистителни станици – во последниов период од две години работевме на прифаќање, третман и одведување на  отпадните фекални води од домаќинствата и стопанските објекти, каде што предност имаа областите со високо ниво на подземните води, при што е изграден канализациски систем во должина од 2500 метри, опфатени се нови 352 домаќинства и 35 стопански објекти и јавни општински установи, и изградена е пречистителна станица со капацитет од 1250 еквивалент/жители;

-Чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали – со проектот е опфатено уредување, чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали кои во изминатиот период беа опфатени во должина од 71000 метри;

-Изградба и подобрување на систем за зафаќање и одведување на атмосферски води – во последниот период изградени се нови канали во должина од 6500 метри,  два моста и цевкасти пропусти во должина од 750 метри;

-Подобрување на безбедноста во сообраќајот, патна сигнализација, изградба на пешачки патеки -. изградени се пешачки патеки во должина од 1500 метри, подготвени се целосно опремени простории во општинската зграда за полициска станица;

-Изградба на детска градинка во Миладиновци и згрижување на деца од најмалата група – воведување на јасли – Изработен е проект со ревизија на проектот за детската градинка со капацитет од 90 деца, издадено е одобрение за градба, потпишан е договор со Министерството за труд и социјална политика;

-Озеленување на јавни површини и ревитализација на деградиран простор на површина од 120.000 метри квадратни, уредување на паркови и нови зелени површини и партерно уредување на нови простори – 28.000 метри квадратни.

-Воспоставување на гасификациски систем, воведување на гасификација на стопанските објекти – се гради гасовод во должина од 2380 метри

Каква е соработката со централната власт?

-Имаме коректна соработка со централната власт. Во основа, способноста на локалните самоуправи „подобро да пројдат“ во изнаоѓање соодветни патеки за конкурентност и ефикасна испорака на јавните услуги во голема мера е содржана во нивниот институционален капацитет. Локалните самоуправи и централната власт се меѓусебно зависни за спроведување на капитални програми, за кои е неопходна интеграција врз програмски основи меѓу државно и локално ниво. Во овој контекст, клучот на предметното прашање е, да се погледне во начинот за подобрување на капацитетот и координација меѓу јавните чинители на различни нивоа на власт, како да се зголеми ефикасноста и ефективноста при обезбедување влез на нови инвестиции, при креирање на нови слободни работни места, развојот на економската инфраструктура, изградба и реконструкција на патната и железничката инфраструктура (автопати, регионални патишта, локални улици и патишта), модернизацијата на аеродромите, на енергетските капацитети, комуналната инфраструктура (водоводи, фекална канализација, системи за зафаќање, одведување и третман на отпадните води, системи за зафаќање и одведување на атмосферските води), инвестиции во информатичко-комуникациските технологии, како до поквалитетно образование и инвестирање во образовниот процес, науката и во информатичката технологија, инвестиции во образовна инфраструктура, згрижување на деца од предучилишна возраст и др., се приоритети коишто придонесуваат за забрзување на економскиот раст и за зголемување на вработеноста, и секако, тие се предуслови за пораст на животниот стандард на граѓаните и за подобар и поквалитетен живот.  Потребно е да се овозможи пристап до финансиски фондови на домашни и меѓународни финансиски институции, до кои општините ќе имаат можност за пристап и да дојдат до потребните средства за реализација на капиталните проекти.

Колку новите обврски ви оставаат простор за приватниот живот?

-Градоначалничката функција бара многу време, концентрираност и посветеност на работата. Тука нема импровизации со оглед на тоа што градоначалникот е оној што е во најнепосреден контакт со граѓаните. Оваа работа бара многу самооткажувања, така што многу тешко може да се раздели приватниот живот од работата.

Што им ветувате на граѓаните за следниот период и дали ќе се кандидирате на следните избори.

-Пред се создавање подобри услови за живеење со што се подобрува  квалитетот на живот и зголемување на животниот стандард. Општина Илинден продолжува со оддржлив Локален економски развој, тоа подразбира континуитет во изградба на патна, комунална и енергетска инфраструктура, изградба на објекти од локален и државен карактер,  за општински и државни институции, објекти во функција на згрижување на децата од предучилишно образование, објекти во функција на образованието, културата, спортот, како и реализација на проекти за подобрување на безбедноста во сообраќајот, заштитата на животната средина. До крајот на годината ќе почнеме со реализација на неколку проекти како:

-Изградба  на  канализациски   систем  за  прифаќање   и  третман  на  отпадни  води  за  населено   место  Кадино, со пречистителна станица;

-Изградба на локален пат за поврзување на Бујковци со локален пат Ајватовци – Мршевци;

– Изградба на пешачка патека за поврзување на Марино ул. „500“ со Кадино ул. „11“;

– Изградба на дел од Скејт парк“, покрај пешачко-велосипедската патека Марино-Кадино што се финансира со средства од грант стекнати после успешната имплементација на проектот „Реконструкција на локалниот пат Кадино-Клучка автопат А4“, финансиран со под-заем од МСИП.

Со цел подобрување на условите во образовниот процес како и обезбедување на просторни услови за одвивање на квалитетна настава во основните и средното училиште продолжуваме со реконструкција на училишната инфраструктура. Што се однесува до вториот дел од Вашето прашање, во моментот сум насочен кон реализација на приоритетните проекти зацртани во програмата од мојот четврти последователен мандат. За тоа дали ќе се кандидирам за градоначалник влијаат повеќе фактори и ова би било тема во последната година од истекот на мандатот.

Валентина Ангеловска

Фото: Слободан Ѓуриќ

Нови вести

Заев- Туск: Северна Македонија и граѓаните ги исполнија сите услови за донесување одлука за почеток на преговори

Filip

За Макрон прерано е за преговори, Меркел се надева на компромис

Filip

Заев – Сасоли: Секоја друга одлука освен преговори ќе биде поттик за регресивни процеси во земјата и регионот

Filip