December 10, 2022 00:01
Економија

Стопанската комора најави формирање национална асоцијација на тур-оператори и туристички агенции (НАТТА)

Партнер на државата, стручен консултант на членките и советник на крајниот потрошувач, ова ќе биде клучната мисија на националната асоцијација на тур-оператори и туристички агенции (НАТТА) чие основање го најави денеска Стопанската комора на Северна Македонија.

Како што соопшти потпретседателот на Здружението за угостителство и туризам при Комората, Александар Кузманоски, целта на асоцијацијата ќе биде да помогне во создавањето потребни услови за развој на модерна и конкурентна професионална туристичка индустрија.

-Во услови на вакви предизвици, туристичките агенции кои произведуваат и продаваат аранжмани дома и во странство не препознаваат адреса за обраќање, ниту добиваат поддршка и стручно мислење за потешкотиите со кои се соочуваат поради што делуваат неорганизирано, рече Кузманоски, образложувајќи ги причините за формирањето на НАТТА.

Тој дополни дека НАТТА, освен што ќе овозможи практична помош за членките и заштита на нивните интереси пред Владата и другите институции, постојано ќе го следи и трендот во туризмот преку соработка со меѓународната асоцијација.

-Во Северна Македонија нема регистрирано национална асоцијација која ќе ги претставува дестинацијата и интересите на компаниите од оваа дејност. Од исти причини и граѓаните немаат доволно информации за правата и обврските при користењето туристички аранжамни, што придонесува за создавање погрешни очекувања и култура на патување, подвлече Кузманоски.

Асоцијацијата ќе има високо професионална активна членска мрежа и ќе функционира преку повеќе одбори – за рецептивен туризам, за иницијативен туризам, за младински туризам и екскурзии, за конгресен туризам, за автобуски и за авионски сообраќај, за рент-а-кар, за меѓународна соработка, како и за соработка со институции и фондации.