August 13, 2022 18:32
Свет

Столтенберг: Конструктивни разговори меѓу Турција, Шведска и Финска

Разговорите одржани денеска во седиштето на НАТО меѓу Турци а, Шведска и Финска за изнаоѓање решение за блокадата на Анкара за пристапувањето на двете земји во Алијансата беа „конструктивни” и ќе продолжат, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Турција има легитимни стравови за својата безбедност кога станува збор за тероризмот, на што ние мора да одговориме. Затоа ќе продолжиме со разговорите… и со нетрпение очекувам да се најде решение што е можно поскоро”, рече Столтенберг во соопштение.

Турција, исто така, објави дека разговорите ќе продолжат, но нагласи и дека самитот на НАТО следната недела во Мадрид не е краен рок за постигнување решение.

„Разговорите ќе продолжат. Продолжувањето зависи од чекорите што тие ќе ги преземат”, рече портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин.

Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина, која започна на 24 февруари.

Но, нивното барање наиде на противење од Турција, која вели дека Хелсинки и Стокхолм ги поддржуваат курдските милитанти и наметнатото ембарго за оружје на Анкара.

Калин рече дека Анкара очекува Шведска да преземе итни чекори во врска со активностите на милитантната група на Курдистанската работничка партија (ПКК) во земјата и додаде дека секој напредок на таа земја во приближувањето кон НАТО „сега ќе зависи од насоката и брзината со која ќе ги преземат чекорите”.