December 1, 2021 13:05
Македонија

Стоев кон Вархеји: Бугарија е конзистентна, Северна Македонија да покаже политичка волја за надминување на разликите

Бугарија ја задржува својата позиција за европска интеграција на Република Северна Македонија, која произлегува од декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година и рамковната позиција усвоена од Советот на министри на 9 октомври 2019 година.

Ова го изјави бугарскиот министер за надворешни работи, Светлан Стоев, пред еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, објавија бугарските агенции.

На Бугарија ѝ се потребни конкретни активности и гаранции за трајно и неповратно спроведување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, нагласи шефот на бугарската дипломатија.

Министерот за надворешни работи, Светлан Стоев, пред еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, ја потврди принципиелната позиција на Бугарија во поддршка на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија.

Стоев, како што пренесуваат медиумите, го информирал еврокомесарот за актуелните случувања во билатералниот дијалог со Скопје нагласувајќи ги напорите што ги прави бугарската страна за враќање на довербата на сите нивоа.

„Бугарија останува доследна во поддршката за европскиот пат на земјите од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија. Водени од оваа позиција, вложивме сериозни напори за одржување отворен и целосен дијалог со нашите соседи и враќање на довербата во нашите односи“, рече Стоев. Во исто време тој истакна дека за да се поддржи почетокот на пристапните преговори меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, на Бугарија ѝ се потребни конкретни активности и гаранции за трајно и неповратно спроведување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

„Очекуваме Република Северна Македонија да покаже политичка волја за надминување на разликите. Бугарија, од своја страна, останува активно вклучена во барање можности за решавање на отворените прашања“, изјавил Стоев.